Свет
23. јуни 2016 - 21:21

Земан: Излегувањето на Велика Британија од ЕУ ќе доведе до отцепување на Шкотска

Чешкиот претседател Милош Земан го поддржува останување на Велика Британија во ЕУ и смета дека по можниот „Брегзит" би следело отцепување на Шкотска и нејзино влегување во Унијата.

- Јас би го поздравил останувањето на Велика Британија во ЕУ и поради британските интереси, рече шефот на чешката држава, додавајќи дека доколку дојде до напуштање на Унијата, Шкотите ќе го повторат референдумот за отцепување и ќе успеат во своите намери.

- Велика Британија без Шкотска веќе нема да биде голема, оцени Земан, јави дописникот на МИА од Прага.

Против излегување на Британија од Унијата се изјасни и чешкиот премиер Бохуслав Соботка, според кого ЕУ ќе биде посилна со Британија како членка.

Соботка оцени дека доколку Британците гласаат за останување во ЕУ ќе ги убедат и другите за исполнување на договорот за реформа на Унијата.