Македонија
5. May 2018 - 16:36

ЗЕЛС организира чистење на општините, Битола со најголем број диви депонии

Дивата депонија во населбата Баир е една од најголемите во Битола, но и најгорливиот проблем во градот. Таа е една од 50-те диви депонии кои годишно се појавуваат во Битола. И самите жители признаваат дека ова е голем проблем. Според нив дивата депонија се создава заради тоа што нема каде да го фрлаат отпадот.

„Ако донесат контејнери и ако луѓето продолжат да фрлаат, тогаш вистина луѓето не чинат. И да се казнат“ вели Севѓуљ Јусуфовски, жител.

„Од Комуналец не носат контејнери, луѓето нема кај да фрлат и мора да се снајдат“, вели Рафет Мемишовски, жител.

Од Комуналец велат дека иако редовно ги чистат дивите депонии, тие постојано се создаваат. Досега биле исчистени 20 депонии, но остануваат уште за чистење. Токму денеска општина Битола заедно со јавните претпријатија Водовод, Комуналец и Нискоградба со механизација го отстрануваа ѓубрето од оваа депонија.

„Ние сме секогаш расположени да исчистиме, но никогаш нема да можеме доволно исчистиме колку што прават граѓаните вакви диви депонии. Во однос на организирано подигање на сметот овде е малку тешко изводливо, овде е најгорливиот проблем во градот, најголемата депонија е овде. Иако е теко решлив, се надевам ќе го решиме со организирано подигнување на сметот и кај овие граѓани“, изјави Панде Богоевски, директор на ЈП Комуналец.

Од локалната самоуправа размислуваат како да се контролира овој проблем.

„Мислам дека зголемување на службите во Битола во однос на конуналниот е едно од решенијата кое може да ги намали дивите депонии“, изјави Валентин Груевски, претседател на Совет на Општина Битола.

Денешната акција за средување и чистење на животната средина беше иницирана од ЗЕЛС.