Македонија
16. November 2016 - 21:30

Зехофер: Македонија е важен и успешен партнер, ќе лобирам за македонските евроинтеграции

На првиот ден од посетата на германската покраина Баварија делегацијата на ВМРО - ДПМНЕ предводена од претседателот на партијата Никола Груевски се сретна со премиерот и лидер на Христијанско - Социјалната Унија Хорст Зехофер.

По средбата на која присуствуваа и вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски и пратениците и членови на извршниот комитет Александар Николовски и Влатко Ѓорчев, баварскиот премиер изјави дека денешните гости се важни за Германија и дека кај канцеларката Меркел, која е лидер на сестринската десничарска партија ЦДУ, ќе лобира за македонските евроинтеграции, конкретно за започнување на преговори за членство во ЕУ .

- Се радуваме на посетата на делегацијата од Македонија предводена од Груевски која не посети во Минхен, Баварија, во седиштето на ЦСУ. Тие се важен и успешен партнер за нас. Груевски ме информираше за одличниот економски развој кој го постигна Македонија која во рамки на Европа е на високо место кога станува збор за политики во рамките на економијата и финансиите. И понатаму ќе го негуваме ова пријателство, а јас ќе разговарам со канцеларката Меркел за преговорите на Македонија со Европската Унија и тоа што е можно поскоро, изјави премиерот на најбогатата германска покраина, јави дописникот на МИА од Берлин.

Запрашан како ја оценува улогата на Македонија во надминување на бегалската криза, баварскиот премиер и лидер на владејачката партија ЦСУ вели дека Македонија е важна земја на балканската рута за мигранти и за тоа на своите гости им се заблагодарил за се што сториле во тој правец.

- Се заблагодарив за улогата на Македонија, за важната одлука на владата балканската рута да не остане отворена туку движењето да биде контролирано. Од тоа корист имаме ние во Германија. Македонија во основа го направи тоа што требаше да го направи Германија поради што ние сега имаме значително помалку бегалци во однос на претходната година, изјави Зехофер по средбата со делегацијата на ВМРО - ДПМНЕ во Минхен.

За лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски средбата со баварскиот премиер е одлична шанса Македонија да ги претстави своите приоритети и постигнати резултати, но и да посочи на темите кои што се од заеднички интерес и за Македонија и за Баварија за што добил поддршка од Минхен.

- Со баварскиот премиер имавме средба на која разговаравме за неколку прашања, за партиската соработка, за зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ и за нашите напори за тоа, како и за барањето за понатамошна поддршка од страна на Баварија и од страна на Германија за нашето зачленување во ЕУ и НАТО. Разговаравме исто така за случувањата во последниот период, за политичката криза, за престојните избори кои доаѓаат, во смисла на можност за надминување на таа криза. И секако разговаравме за мигранската криза и како Македонија се справи со неа, како помогна за останатите држави во Европа особено за Германија и за други детали поврзани со тоа, изјави претседателот на ВМРО - ДПМНЕ Груевски. 

Делегацијата на ВМРО - ДПМНЕ вечерва одржува средба со претставници на неколку организации на дијаспората во овој дел на Германија, а за утре се предвидени средби со екс премиерот на Баварија и екс лидер на ЦСУ Едмунд Штојбер, како и со извршниот директор на Индустриската и трговска комора на Минхен и Горна Баварија, Петер Дрисен.