Македонија
19. December 2022 - 16:38

Здружението на историчари ќе бара повлекување на учебникот по историја и општество

Спорниот учебник по историја и општество не содржи само три, туку многу повеќе пропусти, посочуваат од Здружението на историчарите. Ги откриле по првичната анализа, а најавуваат и  подетално скенирање на учебникот и целосен извештај, кој ќе биде упатен до Министерството за образование.

Главниот виновник за ваквите грешки кои, како што велат, нанесуваат непроценлива штета за учениците, го гледаат во избрзаната образовна политика. 

„Ќе побараме да се повлече овој учебник и воедно да се преиспита Концепцијата за Основно образование, која како што знаеме беше изложена на големи критики од научната и образовната фела. Ќе бараме и да се покрене нова јавна дебата околу Концепцијата бидејќи самиот учебник е продукт на оваа концепција и импликациите сега ги согледуваме”

Никола Тесла изумител на електричната енергија, а Марија Кири е добитничка на две Нобелови награди за наука и уште 11 останати пропусти и непрецизности во учебникот се последица и на тоа кој учествувал во креирањето на материјалот, велат историчарите.

„Мошне индикативно е што ниту еден од релевантните универзитетски професори не учествувал на овие конкурси”

Авторките на учебникот претходно се оградија од одговорност и најавуваат реакција по сеопфатната анализа, додека од МОН засега нема одговор дали спорниот учебник за петто одделение ќе биде повлечен.