Балкан
28. May 2017 - 15:00

Зборот „арена“ отстранет од имињата на сите стадиони во Турција

Турската фудбалска федерација соопшти дека зборот „арена“ вчера бил отстранет од имињата на сите стадиони во земјата, јави агенцијата Анадолија.

Овој чекор е преземен откако претседателот Реџеп Тајип Ердоган во обраќањето во петокот посочи дека дал инструкции на министерот за спорт да нареди отстранување на зборот „арена" од имињата на стадионите во земјата. Ердоган рече дека поимот „арена“ доаѓа од античкиот Рим и се однесува на место кадешто луѓето морале да се борат за својот живот.

- Во нашиот јазик нема такво нешто, рече Ердоган.

„Галатасарај" вчера стана  првиот фудбалски клуб кој најави дека ќе go преименува својот стадион „Турк телеком аренат“.  Одлуката за преименување беше донесена на седница на Управата на клубот.

Алпер Нарман, член на управниот одбор на „Галатасарај", кој е одговорен за стадионот на клубот, изјави за весникот „Хуриет", дека од понеделник името на стадионот ќе биде „Али Сами Јен Спортс комплекс Турк телеком“. Извршниот директор на „Турк телеком“ Пол Дауни изјави дека компанијата го поддржува повикот на претседателот и има постигнато консензус со „Галатасарај“ за преименувањето на стадионот.

Тимот „Бешикташ“ исто така најави дека ќе го преименува стадионот во „Водафон стадион“ од „Водафон арена“.

- Јас сум против „арените“, рече во петокот Ердоган. - Знаете што правеле во арените, нели? Таму луѓе биле растргнувани од животни, посочи турскиот претседател.