Македонија
9. July 2020 - 12:45

Заврши рокот за пријавување - колку лица во изолација ќе гласаат на 15 јули?

До полноќ кога истече рокот, за гласање на парламентарните избори, во ДИК се пријавиле вкупно 697 болни од Ковид-19 и лица во самоизолација. За гласање се пријавиле и 9020 немоќни лица и хронично болни. Лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат, ќе гласаат на 13 јули во нивните домови. Лицата чии резултати ќе бидат позитивни после 8 јули или ќе бидат ставени во самоизолација по овој датум, нема да може да се пријават за гласање.

Немоќните и хронично болните ќе гласаат на 14 јули. Се уште трае пријавувањето за гласање на лицата во домашен притвор. Рокот за тоа завршува на 11 јули. На изборниот ден, на 15 јули, избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 21 часот, два часа подолго од вообичаеното на претходните избори кога гласачките места се затвораа во 19 часот.