Ракомет
27. јуни 2017 - 11:30

Заврши првата, а почна втората смена на кампот „Кирил Лазаров“

Поминува седмиот ден на кампот на Капитенот. Ден кој за едни значи крај на седум дена ракомет и дружење со најдобриот македонски спортист, а за другите, оние кои вчера пристигнаа значи почеток на едно прекрасно патување исполнето со многу ракомет, другарување, едукација, славење родендени, прошетки итн..
 
Поминаа седум дена со врвни тренери и гости, кои на поканата на Кирил Лазаров да бидат дел од неговиот камп одговориа со огромна желба за работа и врвна професионалност.
Младен Ракчевиќ, Данило Брестовац, Оливера Кецман, Филип Миркуловски, Владимир Глигоров, Борче Марковски, Горан Кузмановски, Гоце Георгиевски и останатите гости покажаа зошто се тоа што се во моментов и без штедење пренесоа дел од своето искуство и знаење.
 
Професотите Ванчо Поп Петревски и Ленче Алексовска имаа предавања за сите возрасни групи на кампот во делот на правилна и здрава исхрана и психолошка подготовка за врвни спортисти. И двајцата воодушевија со стручноста, но и со начинот на кој своето знаење го пренесоа на нашите учесници.
 
Славевме родендени со нашите учесници, на кои Капитенот им посака да бидат пред се добри личности и добри спортисти, учевме да цртаме и пливаме, го прошетавме преубавиот Охрид, и славевеме Рамазан Бајрам со нашите пријатели.