Македонија
20. April 2019 - 15:37

Заврши гласањето на болните и немоќни во Штип, Карбинци и Пробиштип

Во Општина Штип денеска заврши гласањето на 60 болни и немоќни лица, кои своето право на глас го искористија во своите домови. Претседателката на Општинската изборна комисија (ОИК), Сенка Андреева вели дека гласањето помина без проблеми, а членовите на избирачките одбори денеска го подигаат и избирачкиот материјал за да ги подготват 77 избирачки места за утрешно гласање.

Во 11 општини во брегалничкиот регион денеска гласаа вкупно 650 болни и немоќни лица, од кои најмалку или само пет има пријавени во Општина Карбинци. Претседателката на ОИК-Карбинци, Адриана Велинова информира дека гласањето е завршено. Денеска гласаа и тројца избирачи во селото Таринци, како и две лица во селото Радање.

-Општинската изборна комисија во Карбинци е подготвена за утрешното гласање, на избирачките места право на глас имаат вкупно  3.161 избирач. Гласачките места ќе бидат отворени во 7, а затворени во 19 часот, рече Велинова.

Во Општина Пробиштип денеска гласаа вкупно 110 болни и изнемоштени лица, а гласањето помина мирно и без проблеми.

Во Затвор-Штип за гласање се пријавиле 198 лица, но досега гласале 108 или околу 51 отсто.

-Гласачкото место беше отворено во 07.00 часот и гласањето сеодвива во најдобар ред без никакви проблеми, рече претседателот на ИО 2291 А Затвор – Штип, Трајко Јолев.