Македонија
7. July 2021 - 13:16

Заврши целосното реновирање на „Глобал“ по големиот пожар во јануари

Со реновирањето на делот каде се сместени тезгите, заврши обновата на сите опожарени делови од Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица по големиот пожар кој избувна во јануари годинава.

Од струмичкото комунално претпријатие информираат дека делот кој најмногу настрада во пожарот е целосно реновиран по сите стандарди и од пред неколку дена е пуштен во употреба.

-Ние како јавно претпријатие, кое стопанисува со зелениот пазар и тезгите во „Глобал“, успеавме за шест месеци целосно да го реконструираме и обновиме изгорениот дел. Со заеднички напори со сопствениците на продавници и општествено одговорни компании успеавме да ги санираме штетите од пожарот, рече Зоран Горгиев, директор на ЈПКД „Комуналец“-Струмица.

Според Горгиев, најголем дел од закупувачите на тезгите повторно се вратиле во „Глобал“, а само неколку тезги се слободни и тие се понудени на заинтересирани трговци.

Од Основното јавно обвинителство во Струмица инфомираат дека се уште трае истрагата за причините за пожарот во „Глобал“.

-ОЈО Струмица за потребите на предметот оформен по настанатиот пожар во ГТЦ „Глобал“ во Струмица има преземено повеќе истражни дејства заради утврдување на фактичката состојба, па така сослушани се повеќе лица како сведоци, прибрани се потребни податоци и документација и наредени се вештачења од повеќе области, од кои дел се уште не се изработени и доставени до ова обвинителство. По добивање на сите вештачења, по потреба ќе се преземаат натамошни мерки и дејства заради расветлување на случајот, стои во информацијата од ОЈО Струмица.

Инаку, во пожарот, кој избувна ноќта на 2 јануари, беше опожарена една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а се урна и покривот.