Македонија
12. November 2018 - 16:09

Започнува подготвителниот скрининг

Работиме на исполнување на сите забелешки и препораки од Европската Комисија и ќе ги обезбедиме сите предуслови за старт на преговорите во јуни, дециден е вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Во својство на главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ, тој денеска во Брисел имаше неформален брифинг со претставници од Советот на ЕУ, а во фокусот на разговорите беше подготвителниот скрининг за Поглавјето 24 насловен „Правда, слобода и безбедност“.

-Како Влада и како држава внимателно работиме на исполнување на сите забелешки и препораки содржани во Извештајот на Европската Комисија, особено оние кои реферираат и на заклучоците од јунските самити на Советот на ЕУ, со што ќе изградиме солидно портфолио кое ќе обезбеди конфирмација на одлуката од страна на Советот следниот јуни и почеток на преговорите, наведува Османи.

Вицепремиерот на состанокот во Брисел посочил и на напредокот во реформите од Планот 18, според кој, Владата треба да обрне посебно внимание на реформите во судството, јавната администрација и реформата во безбедносните служби, посочени од Советот на ЕУ како области на кои Македонија треба најмногу да работи.

-Планот 18 е веќе усвоен на Влада и неговата имплементација, сега за сега, се одвива непречено. Очекувам навреме да бидат адресирани сите клучни области, имајќи предвид дека темпото на имплементација на реформите се засили по откочувањето на Собранието со првото зелено светло за уставните измени“, истакнува Османи.

Брифирајќи за актуелната состојба во Македонија, вицепремиерот ја оценил политичката клима во земјава како позитивна за имплементација на предвидените реформи, особено по одлуката за Уставни измени согласно со договорот од Преспа.