Бизнис
8. July 2016 - 16:14

Започна подготовката на Програмата за економски реформи 2017-2019

Клучни реформи во индустријата, внатрешниот пазар, образованието, транспортот, енергијата и животната средина, со кои ќе се подобри конкурентноста на македонската економија, содржи Програмата за економски реформи за периодот 2017 – 2019 година, за чија подготовка денеска се одржа состанок во Министерството за финансии. 

Со овој стратешки документ поврзан со подготовката за членство на Македонија во Европската Унија, соопшти ресорното Министерство, ќе бидат опфатени и мерки кои се однесуваат на намалување на невработеноста, како мерки за усогласување на стручната подготовка со побарувачката на пазарот на труд.

- Програмата е заеднички резултат на повеќе институции, а целокупната подготовка се координира од страна на Министерството за финансии. Самата подготовка на оваа програма како кохерентен стратешки документ претставува потврда за капацитетот на администрацијата од аспект на координација и ефикасност на работа. Имајќи предвид дека изработката на двете претходни изданија на Програмата беше оценета со добри оцени од страна на Европската комисија Министерството за финансии има намера да го задржи, но и подобри квалитетот на овогодинешниот документ,  истакнал на состанокот министерот за финансии Кирил Миноски.

Според Јарослав Левичек, шеф на секторот за економски прашања и азил при Делегацијата на ЕУ во Македонија, програмата е алатка за дијалог со Европската Комисија. Таа, потенцирал, не е само барање на Европската Унија туку и план за напредок на економијата, за побрза интеграција кон ЕУ.