Македонија
25. јуни 2019 - 18:07

Запленети 12 тони нелегално увезен режан тутун, штетата по буџетот 7,5 милиони евра

Над 12 тони режан тутун кој нелегално е увезен во земјава е запленет денеска во акција спроведена на 13 локации во Скопско. Приведени на информативен разговор се четири физички лица кои го купувале режаниот тутун, а потоа со нелегални машини го преработувале го продавале на црниот пазар. Таргет на акцијата се четири правни лица што го увезуваат режаниот тутун вирџинија кој е забранет во земјава и за производство и за продажба. Буџетот за две години бил оштетен за 7,5 милиони евра.

Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми во изјава попладневно во скопско Љуботен, рече дека акцијата е спроведена врз основа на сознанија со кои располагале дека група правни и физички лица вршат увоз од странство на непреработен тутун од сортата „вирџинија“ кој се разликува од домашниот и по квалитет и големина на лист, а не е дозволен за одгледување и производство во земјата. Тие се сомничат за сторени кривични дела криумчарење, царинска измама, злоупотреба на службена положба и овалстување.

– Во текот на 2018 и 2019 година дејствувале повеќе правни субјекти кои увезле тутун од соседните Албанија, Србија, Бугарија и Грција и истиот се дистриубира и продава на физички лица на црно на неколку локации во Скопје, за што од наша страна постоеше сомнение дека поседуваат машини со кои тутунот се сече и преработува и се продава на црниот пазар на повеќе локации во земјава. Ваквата продажба не се евидентира, со што производители се стекнуваат со противправна имотна корист без да се уплати даночната обврска, односно акцизата, појасни Муареми.

Како што истакна буџетот е оштетен за 7,5 милиони евра за две години. Во текот на 2018 за 5,5 милиони евра, а во 2019 година 1,8 милиони евра.

Режаниот тутун, како што изјави директорот на Цариската управа Ѓоко Танасоски од спроведени анализи е утврдено дека е штетен по здравјето на луѓето.

– Овој вид тутун што се произведува и нема никакви документи што го покажуваат квалитетот, начинот и местото на одгледување и не подлежи на процес на контрола на квалитетот од овластените инститиуции, а резултатите од спроведената анализа на дел од примероците е детектирано присуство на пестицидот бифентрин кој претставува невротоксин кој предизвикува иритација на кожата пореметување во енодркиниот систем, рече Танасоски.

Тој додаде дека тутунот дополнително содржи катран над дозвоелното кој сам по себе е отровен, а од начинот на производство, како што рече, евидентно е дека е подготвуван во домашни, односно примитивни услови, како што покажа и денешната акција и поради несоодвентиот начин на чување содржи мувла и микотоксини кои може да предизвикаат од акутно труење до појава на рак.

Тој оцени дека по преземените мерки значително се стеснува можноста за злоуптореба.

Во акцијата нема уапсени лица, сите што се повикани се за информативен разговор и истите се пуштени.