Македонија
24. August 2019 - 16:54

Записникот од пријава на Камчев за случајот „Рекет“ се појави во јавноста - Заев најавува тужба

Наводни цитати од бизнисменот и обвинитет во случајот „Империја“- Орце Камчев што тој ги дал на записник кога ја поднесувал кривичната пријава за случајот „Рекет“ доцна синоќа беа објавени од порталот „Инфомакс“.  Порталот се повикува на документ – записник за примање на Кривична пријава во Обвинителството за организиран криминал и корупција од 2 мај 2019 година. Во текстот стојат наводни искази на Камчев во кој тој обвинува дека му биле изнудувани 5 до 8 милиони евра од Боки 13 и Зоки Кичеец.

Во шемата која ја објаснувал бизнисменот е и обвинителката Катица Јанева, но се споменува и обвинителката Лиле Стефанова, како и адвокат кој е брат на судијка. Се ова, според исказите, Боки 13 успеал да го направи поради познанството со политичари од врвот на СДСМ, па дури и премиерот Заев.

 „На прашање дали после средбата со премиерот Заев, имал контакт со Бојан Јовановски или со Катица Јанева, подносителот одговори не, но имав комуникација со Зоран Милевски кој што имаше добиено информации дека сум го пријавил случајот, мислам дека од премиерот“, наводно пишувало во записникот за кривичната пријава.

Камчев ја споменува и ситуацијата со вицепремиерката Радмила Шеќеринска  што се слуша и на снимките објавени од Ла Верита.

„...Следниот ден ми покажа фотографии од вечерата. Бојан на овој начин го злоупотребуваше познанството со политичарите за да на нас ни покаже колку е моќен“, наводно рекол бизнимсменот.

Меѓу споменатите е и пратеничката Фросина Ременески и нејзиниот сопруг, вработен во МВР.

„... Особено се фалеше со неговата близина со Јовче Ременски и Фросина Ременски, на што Горан и кажал дека ќе се договори со Вилма...“, рекол Камчев според Инфомакс.

Заев, чие, име е посочено и од пријавувачот Камчев, демантира каква било вмешаност во случајот. Најавува тужби за клевета за Инфомакс.

Тој и понатаму уверува дека ниту еден функцинер од СДСМ не е вмешан во случајот „Рекет“

Од обвинителството велат веродостојни информации се само оние што официјално се соопштени од нив, но посредно потврдуваат дека записникот е дел од истрагата:

„Со протекување на ваков вид документи се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката“, пишува во соопштението од обивнителство од каде додаваат дека ова нема да ја спречи истрагата“.

Рускоска, според соопштението од обвинителстрвото, ќе истражува како протекле овие документи.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ записникот е доказ дека Заев е вмешан.

„Зоран Заев не само што не го пријавил случајот Рекет, туку како што видовме од записникот и го опструирал. Од она што можеше јавноста да го види е дека Заев кога дознал дека оштетениот го пријавил случајот, ги предупредил извршителите на рекетот, неговите извршители да прекинат комуникација со оштетениот бизнисмен. Дали Зоран Заев лажеше дека се сретнал со второосомничениот и дали Зоран Заев ги предупредил извршителите да се повлечат и да ја прекинат комуникација со семејството на оштетениот? Колку од парите кои што се земени од рекетот во Луј Витон ташна завршиле кај Зоран Заев?“, запраша Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат од Рускоска сите споменати во исказот на оштетениот да бидат повикани на распит о да се расчисти како што велаѕ, нивната инволвираност во случајот Рекет.

Од СДСМ пак, возвраќаат дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести повикувајќи се на дезинформации објавени од медиумите, а дека објавувањето на вакви доверливи документи со цел да се поткопа истрагата е кривично дело.