Македонија
15. August 2018 - 12:45

Запалени палми во Клиниката „Жан Митрев“

Во текот на изминатите денови во градината на Клиниката „Жан Митрев“ се запалени две палми од страна на група млади лица, информираат од Клиниката. 

Едниот случај е регистриран минатата сабота во околу 1.30 часот, а другиот синоќа околу 2.30 часот. 

На видеата, кои се направени со безбедносните камери на Клиниката, се забележуваат неколку млади лица како се приближуваат до влезот на паркингот и едниот од нив со запалка го пали стеблото на палмата што за неколку секунди вивнува во пламен. Во вториот случај на безбедносните камери младите лица се симнуваат од автомобил, со прикриено лице и се упатуваат до една од најблиските палми и исто така ја палат, по што се качуваат во автомобилот и бегаат од местото.

Видеата ќе бидат искористени за понатамошна истрага во која ќе се бара кои се сторителите и кои се мотивите за тоа некој да направи ваков вандалски, нецивилизиран чин.