Македонија
5. December 2017 - 17:17

Заменик министерот Максути на Самитот на европска политика во Брисел

 Заменик министерот за одбрана Беким Максути денеска во Брисел учествуваше на годишниот Самит на европска политика ко-организиран од тинк-тенк организацијата „Пријатели на Европа“, фондацијата Конрад-Аденауер и Програмата за развој на Обединетите Нации, а поддржан од Европската комисија и Советот за регионална соработка.

Самитот на кој учествуваше и Кристијан Даниелсон, генерален директор на Европската комисија за соседска политика и проширување, беше на тема „Западниот Балкан на крстопат – нови предизвици, променлива динамика“, а дискусиите беа во насока на поставувањето на регионот повисоко на европската агенда.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на агендата беа теми како воспоставувањето на демократијата, мирот и стабилноста и економскиот развој и интеграцијата на Западниот Балкан, како и реформите на национално, но и локално ниво

На маргините на Самитот, заменик-министерот Максути кусо разговараше со Хојт Ји, заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски работи во Стејт департментот на САД и со Ендрју Плит, виш советник за развој во Европската команда на САД.