Македонија
19. February 2020 - 15:20

Заловена втора женка рис близу Стража

Тимот што работи на зачувување на балканскиот рис од Македонското еколошко друштво (МЕД) на 12 февруари со помош на кафез-замка залови нова единка од реткиот балкански рис во месноста Буковиќ, близу Стража.

Како што соопшти МЕД, се работи за здрава женка, веројатно на возраст од 2-3 години, тешка 15 килограми. По фаќањето на рисицата во кафез-замката се преземале стандардни процедури и мерења за утврдување на здравствената состојба на единката. За време на постапката, присуствувале претставник од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје и ловџии од ловното друштво „Сокол-З“ од село Зајас. Потоа рисицата била пуштена на слобода.

– Ова е втора рисица (по Маја, што ја следевме во 2017 и 2018 година) што ќе носи околувратник и ќе биде пратена со методот на радиотелеметрија и GPS-следење. Со ова го збогатуваме нашето знаење за распространувањето на рисот, и за неговите потреби од храна и живеалиште. Рисицата претходно беше снимена лани на истиот локалитет со помош на фотозамки. Таа засега е во добра состојба, а тоа го потврдуваат и првите податоци со помош на следење GPS-сигнал, кои ни го открија и нејзиниот прв плен по обележувањето – срндак уловен пред 4-5 дена, изјави Диме Меловски, од Македонско еколошко друштво.

Ловџиите од ловното друштво „Сокол-З“ одлучиле рисицата да ја крстат Нарциса.

– Нарциса, ти посакуваме богат плен и голем пород. Од 2010 година па наваму, МЕД има заловено и ставено околувратник на вкупно осум единки рис, со кои стекнавме вредни податоци за однесувањето на ова таинствено животно кои ни даваат податоци за нивно правилно зачувување. На Балканот се проценува дека има уште 40 возрасни единки на балкански рис, што според Меѓународната унија за зачувување на природа (IUCN) е животно со критично загрозен статус, стои во соопштението од МЕД.