Македонија
8. July 2020 - 16:50

Законот за заштита од дискриминација мора да биде приоритет на новата Влада

Човековите права ќе бидат или „црвена кочница”, или „мотор” во нашата локомотива која оди кон ЕУ. Токму затоа, идната Влада како приоритет мора да го има носењето на Законот за заштита од дискриминација, кој минатиот месец беше укинат од Уставниот суд.

Ова беше клучната порака од презентацијата на извештајот на Европската агенција за фундаментални права, во кој првпат беше опфатена и Македонија.

Без овој Закон, беше посочено, нема ни еднаквост меѓу различните и ранливи групи на граѓани, а тогаш царуваат расизмот, ксенофобијата и нетолеранцијата. 

“Една од клучните пораки кои сакаме да ги испратиме денеска е дека идниот собраниски состав мора да се наврати на ова прашање што е можно побргу. Тој Закон прво ни е потребен нам, ние никогаш не сме го гледале чисто како барање од ЕУ. Од друга страна, тој е критериум од ЕУ”.

Македонија е единствена држава во регионот која нема Закон за заштита од дискриминација. Народниот правобранител смета дека Комисијата која треба да биде формирана со овој закон, треба да биде избрана на ист принцип како Антикорупциската.

“Ставот на Народниот правобранител е дека тоа тело треба да биде избрано на потранспарентен начин и од лица или експерти кои не се инволвирани во разни политички структури”

Најгласен противник на укинувањето на Законот за антидискриминација беше Холандија, која инсистира на негово побрзо носење. Од македонската дипломатија добиле официјален одговор дека една од главните политички заложби по формирањето на новиот собраниски состав е овој закон повторно да биде донесен.