Македонија
8. October 2019 - 16:41

Законот за јазиците ги подели владеачките партии, Владата најавува почитување на мислењето на Венецијанската комисија

Владата ќе ги почитува сите забелешки и препораки за измени на законот за јазици што ќе бидат содржани во официјалното мислење на Венецијанската комисија, ветува премиерот Зоран Заев откако во јавност беше објавена драфт мислењето на странските експерти за овој закон.

Тој, за несоодветна ја смета изјавата на пратеникот на ДУИ Груби дека мирот и добрите меѓуетнички односи што ги носи законот за јазици немаат цена во однос на неговата имплементација.

Груби пак, возвраќа -  Заев си се коментира себе си. Останува на ставот дека нема преголема цена, како што вели, за демократијата.

Пратеникот на ДУИ вели дека за најкритукуваниот дел од законот: двојазичноста на парите и униформите, Венецијанската комисија дала зелено светло.

Претседателот Пендаровски пак, не сака да коментира како што вели драфт верзии од странските екперти.

Во објавената драфт верзија на Венецијанската комисија се наведува дека законот за употреба на јазиците треба да претрпи измени. Спорд странските екперти тој е неприменлив во делот на судските постапки, преголеми се казните за институциите, а иако ги надминува стандардите за употреба на јазиците може да чини многу пари во ситуација кога веќе има закон за употреба на јазиците од 2008 година.

Законот за јазици беше донесен во тешка и долга процедура пред речиси две години. ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека е противуставен. За законот суспензивно вето употреби и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов. Поради тоа законот во јануари беше прегласан од парламентот и осамна во „Службен весник“ само со потпис на собранискиот спикер Талат Џафери. Под притисок на јавноста беше испратен на мислење во Венецијанската комисија.