Македонија
11. December 2020 - 16:43

Захариева тврди дека договорот ги гарантира бугарските барања

Екатерина Захариева во одбрана на европската блокада за Македонија пред пратениците. Според шефицата на бугарската дипломатија, клучен фактор за ветото и најголем проблем во односите меѓу двете земји е неисполнувањето на Договорот за добрососедство.

Откако опозицијата негодуваше дека тој бил потпишан без гаранции за неговото спроведување, Захариева информираше дека бугарските услови за одобрување на Преговарачката рамка и се претставени на Владата во Скопје со писмен документ уште пред една година, задржувајќи се на конкретните забелешки.

“Во тој Договор господине Жабљанов, има текст за говорот на омраза, неправилно посочивте дека нема. И тоа многу јасен. Во тој Договор исто така, има текст за едностраните обврски за Македонија за тоа дека нема да има никакви претензии за македонското, т.н македонско малцинство во Бугарија”

Едностраното прекинување на работата на историската комисија, антибугарската реторика и сопките за бугарските инвеститори се исто така причина за незадоволство, вели Захариева и прашува: 

“Што ќе направи Владата на РСМ да почне да го исполнува Договорот, да го сопре говорот на омраза и да почне да се однесува како вистински кандидат за член на ЕУ? Ги повикувам колегите од Скопје – помалку емоции, повеќе прагматизам и враќање кон исполнувањето на обрските од двостраниот Договор”

Захариева пред пратениците образложи дека се инсистира добрососедството треба да стане дел од преговарачката рамка, бидејќи тоа е најсилната гаранција за Бугарија дека потпишаните документи ќе бидат исполнети.