Македонија
23. March 2021 - 16:58

Захариева со протестна нота за Гарванлиев, МРТВ одлучи дека Васил ќе оди на Евровизија

Македонскиот заменик амбасадор во Бугарија бил повикан на разговор во бугарското МНР. Владимир Крастевски покана добил од шефицата на  бугарската дипломатија Екатерина Захариева, а главна тема бил македонскиот претставник на Евровизија Васил Гарванлив за кој во јавноста се кренаа бурни реакции.

Бугарските власти очекуваат  Македонија да го брани правото на секој граѓанин на самоопределување, посочувајќи дека чести се манифестациите на говор на омраза и дискриминација.

Бугарските дипломати изразија длабока збунетост и разочарување од големата негативна кампања во Република Северна Македонија против претставникот на Скопје на Евровизија 2021 година, Васил Гарванлиев. Бугарија ќе продолжи да ги вложува сите неопходни напори во согласност со принципите на меѓународното право за да ги заштити правата на бугарските граѓани и граѓаните кои прогласуваат бугарски идентитет, каде било во светот, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи

За ова прашање побаравме став и од Гарванлиев, но одговор не добивме.

Денеска пак комисијата за одговорност од македонската радио телевизија донела одлука дека нема ништо спорно во тоа  Гарванлиев да ја претставува земјава на Евросонг.  Боите од бугарското знаме во спотот биле само перцепција, а државјанството е лична слобода.

Јавниот сервис нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој Евросонг има такви случаи, велат од МТВ.