Балкан
29. October 2020 - 11:13

Загриженост во Грција за зголемениот број нови случаи на Ковид-19, Јанина и Серес во мини карантин

Поради лошата епидемиолошка слика грчките градови Јанина и Серес од денеска се во црвената фаза (зголемена опасност) односно во мини карантин, а по вчерашните рекордни 1.547 случаи на Ковид-19 во Грција, постои загриженост и не е исклучена можноста за дополнителни рестрикции, пред сѐ во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Јанина и Серес, освен полицискиот час од 30 минути по полноќ до пет часот, што е во сила за областите во портокаловата и црвената фаза, затворени се кафулињата, рестораните, кината, театрите, судовите, археолошките локалитети и музеите, фитнес центрите и слично, а продавниците остануваат отворени.

По вчерашните рекордни 1.547 нови случаи, Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство на Грција синоќа одржа вонреден состанок за да ја разгледа ситуацијата, додека пак претседателот на Националната организација за јавно здравје Панајотис Аркуманеас денеска е во Солун поради зголемениот број новозаболени.

За само три дена во Солун, беа регистрирани 759 случаи, од кои 384 вчера, што го вклучи алармот кај надлежните власти и не е исклучена можноста, градот од портокалова да премине во црвената фаза.

Паралелно со посетата на Аркуманеас, кој ќе се сретне со солунскиот градоначалник и префектот на областа Централна Македонија, во центарот на Солун од 10 часот утрово се мобилни единици на Националната организација за јавно здравје кои вршат бесплатно тестирање со брзи тестови за Ковид-19.

Интересот на жителите на Солун е огромен, со оглед на тоа дека од рано утрово има редици за тестирање.

Освен во Солун, ситуацијата со новозаразени е алармантна и во областа Атика, поширокиот регион на Атина, каде што во изминатите три дена беа регистрирани 974 нови случаи.

Грчките епидемиолози не ја исклучуваат можноста во следните денови бројот на новозаболени дополнително да се зголеми, но ја истекнуваат и потребата да се воведат нови мерки.

Според грчките медиуми, новите мерки што ги разгледуваат епидемиолозите од надлежната комисија се: кафулињата и угостителските објекти да затвораат во 21 часот и полицискиот час да се воведе неколку часа порано, да се забрани движење меѓу регионите, да се зголеми работењето од дома.

Ситуацијата со корона вирусот во Грција се очекува да биде разгледана и на денешната владина седница.