Македонија
31. July 2021 - 16:42

Заев за Отворен Балкан: Додека ЕУ ги исполнува најавите мора да го унапредуваме животот на граѓаните

Мора да го унапредиме животот. Премиерот Заев уште еднаш објасни зошто е добро што Македонија заедно со Србија и Албанија влегува во иницијативата Отворен Балкан. Според него, земјава не може да чека додека Европа се мисли да ни го испорача тоа што ни го вети.

-Мене ми е драго што Србија и Албанија се фокусирани исто како нас, ние сме централно поставени помеѓу овие две земји, сме отворени кон Косово и кон БиХ, Црна Гора, Грција, Бугарија. Зошто ако може да не чекаме на границите, да не го направиме тоа. Зошто ако може да ги третираме капацитетите за борба против пожарите летно време, земјотресите, поплавите и било какви други катастрофи да не го направиме тоа. Зошто ако можеме да бираме во регионот каде ќе работиме или кој ќе ни дојде да работи, се со цел да обезбедиме квалификувана работна сила, тоа да не го направиме. Зошто да не ни раснат платите, стандардот и слично.  На крајот сите го посакуваме процесот низ поглавјата или кластерите за европеизацијата на нашата земја, но сето тоа што можеме да го направиме сами треба да го правиме сами додека Европа навистина не одлучи да продолжи со процесот на евроинтеграции, изјави Заев.

Со ова Заев одговара и на критичарите на проектот кои сметаат дека со оваа иницијатива се создава мислиње во јавноста дека за овој регион постои алтернатива за Европската Унија. И за опозицијата и експертите од Босна и Црна Гора Отворен Балкан е добра инијатива која не е замена на ЕУ, а владите во овие земји згрешиле што не се дел од прокетот.

Црногорскиот опозиционер Андрија Мандиќ ја поздрави иницијативата која е предуслов за развој на економијата и побара Владата во Подгорица побрзо да се придружи на трите земји. .

„Бришење на границите за ефикасна трговија е прекрасна идеја за подобар живот на граѓаните. Владата на Црна Гора уште еднаш пропушта добра можност Црна Гора да биде дел од важен проект за целиот регион“.

Босанскиот економист и дипломат Драшко Ачимовиќ, вели дека е трагично што Босна не испратила барем писмо за поддршка до иницијативата.

„Замислете колку сега не чинат часовите чекање на границите и што би се сменило ако тоа чекање го нема. Би се зголемила и сигурноста на надворешните граници. Ова за Босна е катастрофа“, вели Ачимовиќ.

Иницијативата Отворен Балкан ќе стартува од 01.01.2023 година.