Македонија
20. October 2020 - 16:36

Заев уверува дека нема да се отстапи од македонскиот јазик

Ако Бугарија ја блокира Македонија на европскиот пат, тогаш од нас се барало нешто што ние ниту смееме да разговараме, ниту би сакале да прифатиме. Премиерот Заев на денешната меѓународна Конференција во Институтот за македонски јазик повторно предупреди дека е можно меѓувладината конференција со ЕУ да не се случи, а со тоа и да не почнат преговорите со Унијата. Заев рече дека се додека постои македонскиот јазик ќе постојат Македонците, и се додека постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. 

-Нема народи и држави што признаваат или непризнаваат идентитети. Идентитетот е чувство, тоа е право на определба. Јас очекувам бугарскиот народ преку сите свои претставници да има недвосмислено јасно потврдување на фактот на постоењето на македонскиот јазик и на македонскиот народ. Можно е еден пријател, сосед, брат, да не даде позитивно светло. Зошто? Затоа што има работи за кои навистина не се разговара, вели Заев. 

Премиерот уверува дека Бугарија не барала промена на Уставот на Македонија. А никогаш не се разговарало ниту за потпишување на нов договор со источниот сосед. 

- Ние имаме договор. Треба да ги решаваме работите низ комисиите и спремни сме изјави, декларации да покажеме пред вас, усни и писмени, за да ги потврдиме нашите вредности и од наша и од нивна страна. Но, верувам ниту некој бара, ниту треба да дојде до потпишување на нов договор зашто ќе го поништиме постојниот, а тој е добар, вели Заев.

Во однос на повиците од страна на опозицискиот лидер за лидерска средба на која главна тема би бил проблемот со Бугарија, Заев рече дека Мицкоски ниту имал став, ниту имал одговорност и единствено може да му одмогне на процесот за почеток на преговорите со ЕУ.