Македонија
8. January 2018 - 16:34

Заев уверен дека спорот ќе се реши до јули

Премиерот Зоран Заев верува дека до јули годинава ќе се изнајде решение за проблемот со Грција за името. Тој во интервјуто за грчката телевизија Алфа не сакаше да открива детали за да не се наруши преговарачкиот процес.

- Убеден сум дека постои решение и редот е секако тоа решение за граѓаните на Грција да го соопшти премиерот Алексис Ципрас, а јас на моите граѓани овде да им го соопштам решението. Но, верувам дека постои можност до крајот на првата половина од 2018 да изнајдеме решение, коешто дефинитивно ќе ја унапреди соработката меѓу нашите две земји и кога конечно, јас ќе можам да кажам како премиер на мојата земја, дека стекнавме уште еден голем сојузник, а тоа е нашиот јужен сосед, рече во интервју за грчката телевизија Алфа Зоран Заев Премиер на Р. Македонија.

- Наша црвена линија е линијата која свети силно како водилка по патот за да дојдеме со конечно решение на проблемот,  додаде  Заев.

Заев во интервјуто потенцираше дека е потребно да бидеме свртени кон иднината, а Александар Велики може да биде нешто што ќе не спојува сите, а не да не дели. Уште еднаш спомЕна дека не сме единствени негови наследници. За евентуалните преименувања на аеродромот или автопатот македонскиот премиер рече ако тоа е од голема важност биле подготвени да разговараат и за тоа прашање.

За неговиот грчки колега Алексис Ципрас Заев рече дека делат исти лидерски вредности.

 - Родени сме во иста година, па „може Господ така сакал да се родиме во иста години за да можеме токму ние лидерите да решиме еден суштествен проблем кој постои помеѓу нашите две земји“.

Во интервјуто Заев најави дека сака да се сретне и и со лидерите на грчката опозиција, и дека му е важна подршката од македонските опозициски партии за прашања од национален интерес како што е решавањето на проблемот кој Грција го има со нашето уставно име. Но, претходно и од македонската и од грчката опозиција изјавија дека засега не се вклучени во процесот.

Интервуто на македонскиот премиер за грчката телевизија предизвика голем интерес кај тамошните медиуми.

- „Заев оптимист за решение во првата половина на 2018“; „Следен чекор: соопштување на името“; „Заев: немаме црвени линии“; „  ова се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми по интервјуто.

Инаку во конкекст на интензивирање на активностите околу прашањето за името е и утрешната посета на Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи  на Атина. Предвидено е да се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос.