Македонија
18. November 2017 - 10:15

Заев: Треба да се работи на заедништво со граѓаните, доаѓа на време на левицата

На Европа и е потребна левицата, особено кога после долги години, десницата во некои земји се разви радикално, со квазипатриотски идеи, а под превезот на модерниот грабеж. Левицата треба да го добие своето место во Европа, а тоа зависи од левите партии, но и од граѓаните, граѓанското општество, синдикатите, работниците, рече меѓу другото, премиерот Зоран Заев, на синоќешната пленумската сесија „Кон обновата на левицата во Југоисточна Европа“.

Не е доволно само да се дебатира, рече Заев, туку мора да се преземе акција и се сподели искуството од Македонија во кое граѓаните дадоа поддршка на левицата, која, како што потенцира, претходно се обедини со граѓанското општество.

- Главната работа за нашиот успех е повикот да се обединиме сите, да си подадеме рака, без разлика кој што добива од успехот, заради граѓаните, иднината, татковината, заради обврската да се преземе нешто. Со проектот Вистината за Македонија ги мотивиравме граѓаните на обединување. Овој проект го извади на површина криминалното делување на тогашната власт. Изградивме коалиција “Граѓаните за Македонија”. Следуваше Кампот на слободата, па Шарената револуција, водеа граѓаните. Чувството да се стапи во коалиција со независно-политички луѓе треба да се негува, ако сакаме да ја сочуваме независноста. Власта сега е контролирана и од внатре, од граѓанскиот сектор. Демократијата и слободата не се дадени еднаш за секогаш, тие треба да се развиваат и ова е најдобриот начин, додаде премиерот Заев.

Тој се осврна и на политиките на државата за наредниот период и притоа посочи дека тие се потпираат на четири столбови: држава за сите, законот да важи еднакво за сите, едно опшстветво за сите, враѓање на парите кај граѓаните,  и на градење на пријателство со соседите и во регионот.

Информира дека Владата на Република Македонија веќе донесе Закон за минимална плата, за обештетување на стечајците, намалила повеќе давачки.

- Сите мерки се левичарски и имаат конечна цел: нови работни места, повисоки плати и создавање стабилна средна класа, рече македонскиот премиер.

Десницата што се радикализира победува, потенцира Заев, само во случаи кога  не се обединети сите кои не се согласуваат со неа“. За да да зајакне левицата во регионот и во Европа, според него, треба да најде начин на обединување на сите кои не се десница.

- Важно е лидерството, но важна е и храброста. Треба да се преземаат храбри чекори. Кој ќе говори јавно за важните прашања, тој ќе биде лидер. Поважна е иднината на граѓаните од национализмот, истакна македонскиот премиер Заев.

За процесот на градење коалиција меѓу граѓанските организации и демократски ориентираните политички партии во Македонија зборуваше и Марјан Забрчанец, советник на премиерот Заев за односи со јавност и одговорен за комуникацискиот сервис во Владата. Тој го објасни концептот „едно општество” како процес на градење доверба и на обединување на граѓаните околу демократски принципи, без разлика дали се припадници на политичка партија или не, без разлика на која етничка заедница припаѓаат.

- Граѓанскиот успех од парламентарните избори овозможи денес да имаме Влада која максимално се изложува себеси пред јавноста и подеднакво отворено комуницира со сите медиуми, Влада која е целосно отворена за критика и министерства кои проактивно објавуваат информации и документи од својата работа, наместо да ги крија, што е недозволиво. Владата на Република Македонија практикува односи со јавност кои тежнеат кон транспарентност, и се спротивност од пропаганда, рече Забрчанец.

Пленумската сесија „Кон обновата на левицата во Југоисточна Европа“, се одржа во рамки на конференцијата во организација на фондацијата Фридрих Еберт во Сараево, на тема „Состојбата во регионот - проценка од социјалдемократска перспектива“.