Македонија
17. April 2018 - 21:55

Заев: Сега сме чекор поблиску до Европската унија

Ова е еден од оние денови кога сите граѓани на Македонија можат да бидат горди, без исклучок. Денеска стигнавме сите заедно до една од најважните темелни одредници на патот до целосно остварување на нашите стратешки цели. Денеска сме чекор поблиску до Европската унија и до достигнување на економските стандарди на ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев по објавувањето на Извештајот на ЕК.
 
Во својот Извештај до Европскиот совет, ЕК предложи кристално чиста, безусловна препорака за почеток за преговорите за членство во ЕУ.
 
- Тоа значи дека Република Македонија го исполнува основниот политички критериум за членство во ЕУ, што треба да овозможи почеток на преговорите за пристапување во ЕУ. Ова, исто така, значи дека политичката криза е зад нас и дека ЕУ со внимание и со почит ги следи реформските и политичките процеси и дека сме влезени во редовни политички процеси како секоја функционална демократска држава, кажа премиерот. 
 
Овој ден, смета Заев, ќе биде запишан на посветлата страна на поновата политичка историја на Македонија, но и оти сега е време сите да се вложиме уште посилно во евроинтеграциите. 
 
- Најголемата заслуга за ова и за спроведување на реформските процеси ги имаат граѓаните на РМ. Владата посветено ги спроведува реформите, но одлуката да се стави крај на една штетна, погубна политика и да се отпочне една нова реформска и прогресивна страница на нашата иднина ја донесоа граѓаните, посочи Заев. 
 
Одењето кон ЕУ, според него, значи подобра бизнис клима, повеќе инвестиции, повисоки плати, повеќе пари кај граѓаните, кои во Македонија со огромно мнозинство го поддржуваат влезот во ЕУ и НАТО. 
 
- Македонија ќе добиеше препорака за почеток на преговорите дури и ако опозоцијата не се вратеше во Собранието. Но, тие го направија вистинскиот чекор. Со враќањето покажаа дека навистина има нова политичка клима во Македонија и дека не се заборавени државните интереси. Затоа ова е успех и на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, рече Заев.
 
Најави продолжување на, како што кажа, процесот за постигнување консензус за клучните прашања, како што успеале да постигнат согласност за неколку законски пакети како за следење на комуникациите, изборни и судски реформи и оти еден дел се веќе донесени во Собранието. Власта, според Заев, покажа дека е инклузивна и дека прифаќа различно мислење, а опозицијата покажала дека е свесна за сопствената одговорност и дека прифаќа различни аргументи. Придонес, како што рече, имаат и Беса, Алијансата на Албаците и ДПА. 
 
Премиерот рече дека оваа препорака е нов поголем ветар за следните остварувања. Во тој дух на искрена надеж и посветеност, додаде тој, се разговара со нашиот сосед Грција. 
 
- Остануваме заеднички фокусирани на решавање на долгогодишниот проблем кој го имаат со нашето уставно име. Сакаме за брзо време да го решиме овој спор и за навек да го затвориме и ова прашање, рече Заев.
 
Одговарајќи на новинарско прашање Заев рече дека еврокомесарот Јоханес Хан, но и граѓаните се добро информирани дека навистина има напредок во овој процес и дека тоа е поразлично од кога било претходно.
 
- Тоа ни дава силна желба, волја, оптимизам да продолжиме во наредните недели што се пред нас, рече Заев, додавајќи дека може да бидат две недели, или пак шест недели, но дека ќе се прават напори решение за спорот за името да се изнајде пред самитот на ЕУ во јуни кога ќе се носи и одлуката за датум за преговори.
 
Знаеме, потенцира тој, дека е многу важно да се реши ова децениско прашање кое веројатно е последното отворено билатерално прашање што го има Македонија, секако водејќи грижа, како што кажа, за достоинството и идентитетот.
 
Во однос на забелешките што се содржани во Извештајот, премиерот Заев кажа дека треба да се засили делот на капиталните инвестиции и фискалните капацитети.
 
- Имаме голема даночна евазија, затоа работиме на измените на фискалните системи во државата, генерално се со цел подобра наплата на приходите на државата и сузбивање на сивата економија, рече премиерот.
 
За забелешките кои се однесуваа на администрацијата, кажа дека Македонија е променета, но оти до денеска околу 20-25 проценти од луѓето не се променети, како на пример составите на регулаторните тела. 
 
- Веројатно треба да продолжиме да работиме и уште повеќе да се унапредуваме. Но, ова денеска, верувајте, е голема силна потврда за перспективите на Македонија, за тоа што е сработено досега и силна мотивација и за мене и на Владата, и на сите други. Реков, пред се граѓаните, кажа Заев.
 
Верува дека многу бргу ќе се донесе закон за спречување корупција, во кој е опфатена Антикорупциската комисија заради тоа што, како што кажа, таа е една од најголемите алатки со коишто државата може да покаже значителни резултати во унапредувањето на борбата против корупцијата и криминалот во државата. 
 
- Тоа што досега се случи е чин кон насочување, кон зајакнување на капацитетите за борба против корупцијата. Новиот закон затоа и се чека. Имаме намера да поставиме професионалци, експерти коишто ќе бидат будното око на следење пред се на власта, но и сето она друго во општеството што значи корупција и криминал, рече премиерот Заев.
 
Оваа препорака тој не ја сваќа како притисок туку напротив како потврда на европскиот однос на оваа Влада кон сите предизвици и сите отворени прашања, вклучително и кон проблемот што Република Грција го има со нашето име.
 
На прес-конференцијата присуствуваа и повеќе министри и членови на Владата