Македонија
28. јуни 2021 - 12:17

Заев: Продолжуваат напорите за повлекување на бугарското вето

Премиерот Зоран Заев смета дека нема потреба од предвремени избори поради повторената блокада од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ, а следната реална можност кога за тоа ќе се одлучува ја очекува во декември на крајот од словенечкото претседателство, согласно праксата на Унијата, иако на 6 октомври е закажан самит за Западен Балкан и за проширувањето на ЕУ.

– Знаете, во такви предизвици кога се случија уставните промени, ги направивме сите реформи дома и навистина тоа стопроцентно беше потврдено, заради новата методологија на предлог на францускиот претседател, се случи одложувањето. Тогаш ја поднесов оставката и повикав на избори и отидовме на избори со главна помисла дека граѓаните треба да одлучат – остануваме на европскиот пат или ќе разработиме други варијанти. Одлучија граѓаните, дадоа поддршка и покрај такви тешки процеси еве јас добив чест и одговорност повторно да ја водам македонската Влада. Сега мислам дека нема потреба, заради тоа што не е во ред – секоја година се одлучува од страна на ЕУ и секоја година не е рационално да се оди на избори, изјави премиерот Зоран по отворањето на нова спортска сала во ООУ „Јоаким Крчоски“ во село Волково.   

Во однос на разговорите со Софија за деблокада на нашите евроинтеграции, тој се согласи со коментарите на министерот за надворешни работи Бујар Османи и нагласи дека важна работа е дека се потврди оти не се преговара за македонскиот јазик и македонскиот идентитет и оти продолжуваат напорите за повлекување на ветото од Бугарија.

– Тоа го соопшти и бугарската страна, затоа што тоа е предвидено во преговарачката рамка и таму стои „преводот на акито ќе биде на македонски јазик“. Точка. Тоа е важно прашање. Тоа беше за нас најважното. Секако, важно е и Бугарија да ја тргне блокадата. Не би чекал јас октомври затоа што секоја година на крај на претседателството се носат одлуки. Гледате сега во јуни, следното е во декември. Според мене, декември е следната одлука, иако на 6 октомври има закажано самит за Западен Балкан и за проширувањето на ЕУ. Но, изгорени сме неколку пати, и јас и нашиот народ, и не би ги кревал надежите за 6 октомври, затоа што нема логика, имајќи предвид дека ваквите одлуки Европскиот совет и Советот за општи работи ги носат на крајот на полугодието кога завршува претседавањето на одредена земја. Сега е Словенија од 1 јули и верувам дека Словенија исто така ќе покаже сериозен фокус по ова прашање. Јас реков, ние продолжуваме. Продолжуваме со напори, со обиди знаејќи до каде смееме и што е дозволиво за разговори, надевајќи се дека час поскоро ќе продолжи европеизацијата низ европските механизми, а тоа се поглавјата затоа што европеизацијата се случува секој ден во нашата земја и ние друга алтернатива од тоа немаме. Убеден сум дека низ поглавјата е тоа вистинското кое што треба да се случи и затоа ќе продолжиме да правиме и понатаму напори, но моите очекувања се декември оваа година, вели Заев.  

За патоказот, премиерот Заев посочи дека во него на 18 страници се содржани буквално сите аспекти од соработката – инфраструктирата, економијата, спортот, киултура, онбразование, одбраната. Тој нагласи дека таквиот предлог за соработка во форма на патоказ бил сугерирано од португалската иницијатива, а Бугарија го прифати тоа.

– Во самите точки нема ништо проблематично, секако обврската е на двете страни, не само на нашата, за побрза и поефикасна имплементација на Договорот за соработка, пријателстви и добрососедство. Тоа е всушност преземање на обврските… Овој документ беше даден во случај на „зелено светло“, затоа овојпат навистина сакаме да знаеме колку сме сериозни, и ние, но и Бугарија, рече Заев.

Премиерот најави дека ќе продолжат координациите и контактите на ниво на работни групи, и им посака на Бугарија и бугарскиот народ успешни избори кои ќе доведат до Парламент и Влада за, како што нагласи, да може да продолжат политичките контакти.

– На 11 јули се изборите во Бугарија. Нивниот уставен рок е пократок од напшиот и реално очекуваме до крајот на јули, барем да биде извесно која ќе биде Владата. Контактите ќе продолжат на ниво на работни групи. Ние континуирано и ги одржуваме и преку тие работни групи се мотивираат институциите, кои што потпишуваат договори многу често. Националните агенции за информации потпишаа договори, за патишта потпишаа, за железници и многу други институции. Тоа треба да го правиме и со Бугарија и со сите наши соседи, но дефинитивно за да продолжат политичките конакти треба да ги почекаме изборите, затоа што по Уставот претседателот ги има тие надлежности кои што ги има и нашиот претседател, Владата е таа која одлучува, така што верувам дека крајот на јули почетокот на август ќе можеме да ги возобновиме политичките контакти, вели Заев.

Во однос на македоснкото малцинство, Заев посочои дека принцип на ЕУ и на секоја земја кандодат е дека не се меша во внатрешните работи, вклучително и за малцинските прашања, бидејќи тие се решаваат пред Судот во Стразбур и во рамки на меѓународните договори и „очекува и Бугарија реципрочно да постапува така затоа што тоа е европски“.