Македонија
30. December 2015 - 16:35

Заев потврди дека Јанева работи по негови инструкции

Опозицискиот лидер Зоран Заев во најновото интервју за „Капитал“ потврди дека Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева работи во директна координација со СДСМ.
 
 
Во интервјуто Заев ги најави следните чекори на Катица Јанева, соопштувајќи дека „во скоро време очекува подигнување на обвиненија“. Со ова Заев најдиректно покажа дека постои спрега меѓу него и Катица Јанева, односно дека Специјалното обвинителство е марионета во негови раце.
 
Координираноста во делувањето меѓу Заев и обвинителката Јанева иако одамна се насетуваше, на јавноста и стана кристално јасна откако Јанева одлучи да го ослободи од притвор првоосомничениот во случајот „Пуч“ Александар Верушевски без образложение.
 
Дека Заев го наредил пуштањето од притвор на Верушевски апсолутно потврди и сопругата на првоосомничениот во случајот „Пуч“ Соња Верушевска која веднаш после официјализацијата на наредбата на Заев со потпис на Јанева, јавно се заблагодари не на Катица Јанева, туку на наредбодателот Зоран Заев.
 
 
Катица Јанева до неодамна тврдеше дека не е запознаена со случајот „Пуч“ и затоа бараше одлагање на рочиштата, но на навидум мистериозен начин одеднаш се запозна со случајот и одлучи дека Верушевски треба да се брани од слобода.
 
Како гаранција Јанева прифати недвижен имот на Верушевски во вредност од 204.112 евра и тоа стан на ул. „Владимир Комаров“ во Скопје во вредност од 96.382 евра и имот во Струга во вредност од 107.730 eвра.
 
Имот од повеќе од 200.000 евра има човекот кој според Заев не можел да си купи автомобил за да избега од Македонија и човек за кој Јанева тврди дека треба да биде на слобода и дека нема опасност да ја напушти земјата за да избега соочување со правдата.
 
За потсетување, само неколку месеци порано Заев во телевизиско интервју призна дека го планирал бегството на Верушевски надвор од државата но не успеал на време да му купи автомобил, додавајќи дека Верушевски „со неговиот стар автомобил не можел ни да стигне да ја премине државната граница“.
 
 
Ова само ги поткрепува шпекулациите дека Јанева ниту се запознава со предметите како вистински професионалец, ниту делува во рамките на законот, туку дека ги следи инструкциите кои доаѓаат од Бихаќка и само ги потпишува решенијата кои ги диктираат Зоран Заев и СДСМ.
 
Токму наредбата на Заев за ослободување на Верушевски недела дена пред да биде соопштена како став на Катица Јанева, Заев и СДСМ ја реферираа преку нивното партиско гласило „Фокус“.
 
Истиот Заев преку Петре Шилегов и „Фокус“ и на почетокот на случајот „Пуч“ праќаше пораки дека не се ни познава со Верушевски, па потоа дека остварил две средби за да го консултира за материјалите кои ги добил, за на крај да признае дека го планирал неговото бегство од Македонинја.
 
Заев не успеал да му купи автомобил на Верушевски и да го извади од државата, но успеа да издејствува друг подарок за човекот од кој ги добил нелегално стекнатите материјали со кои ја уценуваше власта.
 
Јавноста се прашува дали откако Јанева ја спроведе неговата наредба и го пушти на слобода Верушевски, ќе следи вториот обид Заев да го изнесе својот соработник надвор од Македонија?
 
Како првоосомничен во судскиот случај „Пуч“, Зоран Верушевски се товари за сериозни кривични дела, како незаконско прислушување, шпионажа и насилство кон високи државни функционери.