Македонија
8. May 2021 - 16:42

Заев патува во Брисел по најавата за можно раздвојување на Македонија и Албанија за ЕУ

Премиерот Зоран Заев во понеделник ќе отпатува за Брисел каде треба да оствари средба со претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен. На средбата се очекува да се разговара и за последните изјави на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој рече дека е можно одвојување на процесите за С. Македонија и Албанија за пристапување кон ЕУ. На Вархеји му противречеа официјални лица од ЕУ, како и германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот и словачкиот шеф на дипломатијата, Иван Корчок, кои инсистираат на побрз почеток на преговори и со двете земји.

Од Владата потврдија дека премиерот Зоран Заев ќе има средба во понеделник со претседателката на ЕК но детали околу средбата се очекува да бидат објавени во текот на утрешниот ден.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, во изјава за „Еуроњуз“ рече дека Брисел би можел да ги продолжи разговорите со Албанија за членство во ЕУ дури и во време кога преговорите со С. Македонија се во застој поради бугарското вето.

„Ако повторно наидеме на тешкотии со северна македонија, што значи дека немаме успех во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија за зедничко решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија и ќе мора да го разгледаме тоа прашање“, рече вархеји.

Портпаролката на ЕК за проширување, Ана Писонеро  е на став  дека и С. Македонија и Албанија се подготвени да започнат преговори, но дека одлуката ја носи советот и дека она што го кажа еврокомесарот Оливер Вархеји за можното раздвојување, е една од опциите во теорија.

„Позицијата на Европската Комисија е многу јасна: сакаме да видиме меѓувладини конференции со двете земји, двете ги исполнуваат условите за ова да се случи, но Советот треба да даде согласност за преговарачките рамки, таму се наоѓаме“, рече Писонеро.