Македонија
25. October 2017 - 21:43

Заев од Новаци: Промените силно влијаат врз руралните средини

Победата во Новаци е на дофат, граѓаните и од оваа општина заслужуваат промени, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев на вечерашниот митинг во Новаци, и побара поддршка за победа на кандидатот Љубе Кузманоски во пресрет на вториот изборен круг.

Бранот на промените што се случи во Македонија, рече Заев, посебно силно влијае врз малите рурални средини каде не е лесно да се биде предвесник на промените. - Но граѓаните на Новаци заслужуваат промени, а централната власт ќе помага бидејќи државата е татковина на сите и не смее да ги дели граѓаните како што тоа го правеше претходната централна и локалната власт кои во Новаци беа од ВМРО ДПМНЕ, рече Заев.

- Ќе дадеме перспективи за подобра економска состојба на граѓаните бидејќи Новаци е срцето на нашето земјоделие во Македонија. Еве на 4,5 месеци од како вие ми ја дадовте честа да ја водам вашата Влада  докажавме дека континуирано продолжува поддршката на земјоделството и дека за 4,5 месеци, исплативме 92 милиони евра земјоделски субвенции кои од идната година веднаш со буџетот ќе бидат навремени, ќе доаѓаат само кај вистинските земјоделци и ќе растат, рече Заев.

Тој додаде дека за 2018 година планирани се 160 милиони евра за субвенции во земјоделството кои ќе мотивираат во земјоделско производство и пласман на земјоделски производи, и најави изработка на посебна стратегија за развој на сточарството.

На митингот во општина Новаци лидерот на СДСМ потсети на ефектите од владините политики кои како што рече се посветени за сите и на сите бидејќи доста беа поделби во Македонија.

- Ќе ги зајакнеме буџетите на секое семејство. За 4,5 месеци како Влада заштедивме 45 милиони евра и докажавме дека со чесно работење се се може. Со заштеди овозможивме да се воведе дневната евтина тарифа за струјата. Токму денеска ЕВН ме извести дека 92 проценти од броилата во Македонија се адаптирани на одлуката за евтина струја со која на секое семејство ќе му се овозможи да заштеди од 20 до 40 насто во зависност од домаќинското користење на електричната енергија. Со нашите одлуки секое семејство го растоваруваме од трошоци и уверен сум дека со ваквите политики ќе има одлични резултати. Со чесни политичари ќе има пари за секакви инвестиции во општината и затоа потребно е и во Новаци да паднат стегите и да се поддржи Љубе Кузманоски за градоначалник, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев на вечерашниот митинг во општина Новаци.

Кандидатот за градоначалник на општината Љубе Кузманоски пред членовите и симпатизерите на СДСМ и Коалицијата најави сигурна победа во вториот круг од локалните избори.

- Заедно можеме општина Новаци да ја направиме поубаво место за живеење. Ќе се залагам за подобра инфраструктура, подобра комунална хигиена и животна средина, повисок економски развој и отворање на нови работни места. Тесно ќе соработуваме со централната власт и знаеме како тоа ќе го правиме со нашите конкретни проекти, посочи Кузманоски.