Македонија
25. January 2019 - 8:41

Заев: Од Давос ги отвораме вратите за перспективите на земјата

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска на вториот ден од Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија ќе продолжи со агендата на средби и разговори со државници и компании кои учествуваат на престижниот форум. Акцентот е ставен на економската агенда и разговорите со глобални светски компании.

Тој вчера доби поддршка за интеграциите кои земјата ја носат напред од еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На средбата со еврокомесарот Хан, како што соопшти владината прес-служба, било констатирано дека спроведувањето на историскиот Договор од Преспа се одвива според планираното, и дека сега е време сиот напор на политичките процеси во Република Македонија да се фокусира на нагласена имплементација на реформите, за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ.

Во разговорот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг уште еднаш биле афирмирани пораките за поддршка и охрабрување што и понатаму стигаат од НАТО, да се финишира спроведувањето на Договорот од Преспа, како и очекувањето на  почетокот на ратификацијата на протоколот за членство.

Нашата земја е целосно подготвена за тој значаен чин, како еден од двата врвни приоритети на Република Македонија на меѓународен план во 2019 година, потенцирал премиерот Заев кој на Светскиот економски форум во Давос е придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев и од министерот за економија Крешник Бектеши.

Премиерот Зоран Заев во сумарната изјава за првиот ден во Давос порача дека пред една година на Светскиот економски форум беше отворена иднината за Македонија, откако тој и грчкиот премиер Алексис Ципрас лани во швајцарското одмаралиште ги поставија контурите на Договорот од Преспа, а по една година се отвораат економските врати за земјата.

– Пред точно една година, овде во Давос, со премиерот на Република Грција, господинот Алексис Ципрас, за првпат направивме средба и ја отворивме иднината за нашата земја. Постигнавме договор за иднината на Македонија. За сегашните и идните генерации ги отворивме портите за надежна и перспективна иднина на нашите граѓани. Еве сега, после една година сум овде со потпретседателот за економски прашања на Владата на Република Македонија, господинот Кочо Анѓушев, и со министерот за економија, господинот Крешник Бектеши, влезени комплетно и целосно во економска агенда. Овде, оваа година ги отвораме економските врати за перспективната иднина на нашата земја, Република Македонија, истакна Заев во изјавата по првиот работен ден од Светскиот економски форум.

Премиерот  учествуваше на панел дискусии и оствари бројни средби во рамките на работната политичка и економска агенда, за време на неговото учество на Светскиот економски форум.

Истакна дека верува дека оваа можност, што и се дава на земјата како покана втор пат да биде присутна во Давос потврдува дека Македонија е дел од глобалниот демократски свет и дел од сите планови на економиите коишто светот ги развива и ги планира во претстојниот период.

-Ја користиме токму оваа прилика да ги оствариме состаноците коишто се вредни за Македонија и коишто треба да донесат бенефит преку инвестициите. Зборуваме на состаноци и со Гугл, и со Циско и со Филипс, и со Сан Груп од Индија, и со многу други компании од автомобилската индустрија, од техничките индустрии, коишто имаат интерес во целиот овој наш регион, па и во нашата земја Република Македонија, нагласи Заев.

Нагласи оти се остварени средби со претставници на компании од Западна Европа, од Југоисточна Европа, но и од Блискиот Исток, а, како што додаде, се надеваат на средби дури и со компании од Кина, Кореја, Јапонија, САД.

-Целата наша задача е да ги мотивираме колку што може повеќе компании да имаат фокус кон Македонија. Сега и амбиентот е поинаков, сите знаат дека Македонија е безбедна и стабилна земја, идна или следна членка на НАТО Алијансата, земја со перспективи кои што очекуваат да отворат поглавја со Европската унија. Сето тоа ги овозможува разговорите многу по надежни, многу по перспективни и навистина имам право да кажам дека сето ова кое што од овде го имам како впечаток дефинитивно носи убава економска иднина за нашата Македонија и за сите нејзини граѓани, рече Заев.

Заев на Форумот оствари средба и со филантропот и финансиер Џорџ Сорос, основач на Фондациите Отворено општество (ФОО) и со Патрик Гаспар, претседател на ФОО на која било оценето дека зачленувањето на Македонија во НАТО и интеграцијата во ЕУ се клучни чекори кои обезбедуваат стабилност и сигурност за земјата и за регионот, и ја отвораат вратата за нови  странски инвестиции, за развој на македонската економија и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.