Македонија
16. July 2018 - 16:06

Заев обвинува: Про-руски бизнисмени плаќаат за насилни протести во Македонија

Про-руски бизнисмени се обидуваат да го спречат членството на Македонија во НАТО преку финансирање насилни протести, тврди премиерот Заев во интервју за Базфид.

Зоран Заев вели дека неговата влада добила повеќе пријави за „грчки бизнисмени- симпатизери на руската кауза“  кои плаќале од 13.000 до 21.000 долари на македонски државјани за „да извршат насилство“ во пресрет на круцијалниот референдум кој треба да се одржи подоцна годинава и кој ќе одреди дали оваа балканска земја ќе може да и се приклучи на воената алијанса, пишува Базфид.

Заев одби да именува кој стои позади плаќањата повикувајќи се на постоечка отворена истрага како и на сензитивноста на дипломатските односи поврзани со аспирацијата на земјата за членство во НАТО. Велид ека полицијата дознала за плаќањата откако привела неколку учесници во насилните протести пред Парламентот во јуни.

„Руските претставници кои беа тука но и другите во Москва, не кријат дека се против нашата интеграција во НАТО, вели Заев. Дел од нив се поврзани со медиумите, дел пак.. охрабруваат млади луѓе да протестираат пред парламентот, да напаѓаат полиција.. Тоа е многу очигледно“, пишува Базфид цитирајќи го Заев.

И денеска во изјава за медиумите премиерот не открива кои се бизнисмените кои според него финансираат насилство во земјава.

И од МВР не откриваат за кого се води истрага.

За време на НАТО Самитот минатата недела, руското МНР излезе со став дека Македонија е со сила вовлечена во НАТО, и дека таквите чекори ги продлабочуваат поделбите и ги зголемуваат тензиите во Европа.

Во исто време, Грчките власти соопштија дека двајца руски дипломати добиле статус persona non grata, како и дека уште на двајца им се забранет влез во земјата поради обид да влијаат на одлуките на власта по прашањето за новото име на Македонија.

Сега Заев вели дека побарал поддршка и од американскиот претседател Доналд Трамп и го поканил во Македонија во пресрет на референдумот.