Македонија
3. December 2020 - 15:43

Заев: Никој не преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик

 За сите граѓани кои вистински се грижат, да ги осигурам дека никој не преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик. Тоа е наше право на самоопределување, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Нашиот јазик, нагласи Заев, е признат во светот и ние сме Македонци и такви, како пријатели на Република Бугарија и бугарскиот народ, треба да продолжиме да го градиме пријателството.

– Ставот е јасен за сите. Ние сме самостојна нација, која што се развила како што се развивале паралелно сите други нации. Нашиот јазик е исто, како и другите јазици од словенско потекло. Потекнуваат од старословенскиот јазик, од старословенската култура, преку развивање на глаголицата од свети Кирил и Методиј и кирилицата од нивните наследници свети Климент и Наум Охридски, се равивале јазиците. Имаме точно, дел од заедничка историја, која што ги поврзува двата народа и двете држави, од каде буквално се создаваат и македонскиот и бугарскиот јазик, па и српскиот и сите други словенски јазици, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по промоција на фотонапонска централа во Неготино.

Само со почит едни кон други, рече Заев, можеме да постигнуваме договори кои ќе градат перспективи и пријателства.

– Преговараме за работите од каде почна проблемот. Долгото и краткото име. Дали Македонија има аспирации кон Бугарија или не. Утврдивме, како што го решивме во НАТО, така и во ЕУ, преку нота, во која потврдуваме дека Македонија нема територијални претензии и за мешање во внатрешните работи и малцинските права, затоа што и Бугарија нема и тоа е меѓународно регулирано, рече Заев.

Се разговара, нагласи тој, за стопирање на говорот на омраза, за фази и акциски планови за поуспешно имплементирање на Договорот.

– Секако решението за јазикот, затоа што во преговарачката рамка се упатува на преведување на акито на македонски јазик и тука дојде реакцијата од страна на Бугарија. Ние го имаме решението и тоа за Бугарија македонскиот јазик значи македонски јазик согласно Уставот, за ЕУ македонскиот јазик е чиста работа. За нас бугарскиот јазик значи бугарски јазик согласно Уставот на Бугарија. Ама во 21 век да ставаме вакви билатерални клаузули навистина не е во ред и убаво е да се направи исчекор од страна на Бугарија, која што неколку пати кажува дека ја прифаќа реалноста, го признава македонскиот јазик и народ, но ајде да го утврдиме минатото, изјави Заев.

Посочи дека разговорите треба да продолжат без разлика на исходот на 10 или 18 декември, кога треба да се донесе одлуката.

– Сепак стратегија на држвата е дека треба да продолжиме да разговараме. Во најмала рака да создаваме атмосфера и да отстрануваме пречки за следното лето, но ако може тоа да го постигнеме и сега би требало да правиме максимални напори до последниот момент, изјави Заев.

Патот е тој, посочи Заев и ќе продолжиме по него да чекориме, со очекување што побрзо да ги отвориме поглавјата.