Македонија
16. September 2021 - 16:45

Заев не размислува за оставка, според Мицкоски одговорност мора да има

Мицкоски да дојде, премиер да биде? Не размислувам за оставка. Вака премиерот Заев денеска одговори на прашањето за лична морална одговорност за пожарот во ковид центарот во Тетово. Вели дека нема намера својата функција да му ја препушти на човек како Мицкоски кој и во оваа трагедија докажа дека нема ниту совест, ниту капацитет да ја води државата. Мицкоски пак возврати дека овие изјави му предизвикуваат чувство на гадење.

- Не размислувам за оставка, а премиер или заменик премиер ќе биде претседателот на Алијанса кога ќе заслужи, кога ќе биде тука да даде идеи, да понуди решенија, не грозотијата да ја користи на најперфиден начин и тоа за време на трите денови на жалост, се од пуста желба за власт, да се победи. Се додека вака се однесуваат ќе губат на избори, вели Заев.

- Навистина кога човек ќе се поистовети со функција и кога себеси ќе се интерпретира со функција тоа сум јас, во услови кога невини човечки животи згаснаа е тажна и жална. Доколку тој човек не чувствува ни малку морална одговорност и тоа се обидува да го интерпретира дека ако тој замине, а Мицкоски ќе бил премиер тогаш навистина освен она чувство на гадење кое што во овој момент го имам друго немам што да кажам, вели Мицкоски.

8 дена по пожарот Заев и натаму тврди дека модуларните објекти низ државата се безбедни и градени според сите стандарди. Доказ за тоа се илјадниците спасени животи во текот на пандемијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак денеска во Тетово и лично ги слушна сведоштвата на семејствата кои во пожарот ги загубија своите најблиски. По разговорот со нив вели дека за безбедноста на модуларните болници воопшто не може да се зборува.

По двата дена жестока дебата во Собранието и барањето на опозицијата за оставка на министерот Филипче, денеска во законодавниот дом беше мирно, а седници одржаа само три собраниски комисии.