Македонија
5. May 2021 - 16:53

Заев не прифаќа преговори по цена на идентитетот и јазикот, ВМРО-ДПМНЕ бара датум во јуни

По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европската унија зашто ќе бидеме прашина изгубена во ветрот, вели премиерот Заев. 

По вчерашните најави од еврокомесарот Вархеји дека можеби треба да се разгледува опцијата за разделување на Македонија и Албанија на европскиот пат, Заев очекува дека е можно решение со времената Влада во Бугарија која треба да ја постави претседателот Радев. Рече дека до решение со Софија треба да се дојде на европски начин. 

-Очекуваме секако да бидат одговорни политичари со коишто можеме да седнеме и да изнаоѓаме решенија. Јас реков, нерационален е проблемот. Мора да изнајдеме решение. Интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на Европската унија и да се интегрира заедно во меѓународните организации како што е ЕУ, рече Заев. 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара ЕУ да испорача датум во јуни за да не се загуби довербата во Унијата. Високи партиски извори брифираат дека ставот на партијата е преговорите да почнат, па потоа да се разговара со Бугарија дури и со посредство од странство.

Опозицијата и понудила на Владата да бидат вклучени во процесот на разговори со странските дипломати, но Владата ја одбила понудата.

Еврокомесарот Вархеји вчера рече дека без напредок во спорот со Бугарија Македонија не може да се надева на отворање на преговорите со ЕУ.