Македонија
25. April 2018 - 13:16

Заев: На секоја средба гледам можност за исчекор за решавање на прашањето за името

На секоја средба гледам можност за исчекор. Досега имаме многу успеано. Тоа го потврдуваат и нашите партнери од другата страна на преговарачкиот процес, претставниците на Република Грција. И ние можеме да потврдиме - има напредок кој ни дава причина да веруваме дека може да се направи исчекор и сега, во Виена, да ја искористиме секоја можност за приближување кон конечното решение, рече премиерот Зоран Заев во врска со денешната средба на шефовите на дипломатите Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц.

Одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Годишната програма за вработување, Заев рече дека ја гледа како пријателска изјавата на Хан според која за две недели е можно решение за името.

- Секој сака час поскоро, една недела порано да се реши овој горлив проблем зашто е многу важен за Македонија, за Грција, но и за целиот регион, а би рекол и за Европа зашто европскиот однос преку дијалог да се изнаоѓаат решенија дури и за вакви чуствителни, суштествени прашања кои повеќе од 23-24 години не можеле да се решат, ја испраќа позитивната порака на добра иднина, на градење пријателство и низ дијалог решавање проблеми кои се постојано присутни и евентуално проблеми кои во иднина ќе се појавуваат овде на Балканот, а соодветно на тоа и во рамики на ЕУ каде што е нашето место, рече Заев.

Според него, Македонија продолжува со оптимизмот.

- Верувам дека креативноста на двајцата министри, тимовите зад нив и јас и Ципрас од другата страна даваме поддршка и охрабрување за да се изнајдат конструктивни и креативни решенија кои буквално ќе ги задоволат двете страни во нивните очекувања и ќе бидат достоинствени за двете земји и нивните граѓани, дополни претседателот на Владата.