Македонија
12. September 2018 - 22:52

Заев: На 30 септември да донесеме одлука со која ќе се гордееме, одлука за идните генерации

Време е за вистински патриоти за оние кои преземаат акција, кои го почитуваат минатото, но нивниот поглед е фокусиран во иднината. Време е да донесеме подобар живот во Македонија. Време е на 30 септември да донесеме одлука со која ќе се гордееме, одлука за идните генерации, порача вечерва пред кумановци претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев на трибината Излези За европска Македонија.

Тој рече дека го решиле спорот со Грција и дека се зајакнал македонскиот идентитет и македонскиот јазик, кој се впишува во ризницата на светските јазици, но нагласи дека е потребно да се понесе одговорност за европска Македонија. 

- Граѓаните ќе го имаат последниот збор, граѓаните ќе одлучат, ќе изберат за иднина, за европска Македонија. Членството во НАТО и ЕУ носи нови инвестиции, нови работни места, посочи Заев, додавајќи дека невработеноста ќе се намалува и посочувајќи примери од земјите од регионот кои влегоа во НАТО.

Платите, додаде, ќе растат, а младите ќе останат. 

- Да ги повикаме нашите роднини и пријатели да се вратат во Македонија која ќе биде безбедна држава, просперитетна, рече Заев.

Додаде дека ова е историски момент, оти одлуката на 30 септември е поголема од партиите и дека е време да се остават кавгите настрана и да се види светлината на Европа.

Тој им се обрати и на младите и рече дека на 30 септември одлучуваат за нивната иднина, да одлучат помеѓу светлина и темнина, иднина или изолација.

Обракајќи им се на кумановци, Заев истакна дека Куманово отсекогаш било храбро, историско и прогресивно, борбено и истакна дека сите треба да се одважат во овој нов историски момент. Тој го повика раководството на ВМРО-ДПМНЕ јасно да го изрази својот став за референдумот.

- Стоиме пред подвигот, кој не признава калкулантство и неодговорност. Тоа не е лидерска особина. За иднината на Македонија треба да се разговара, но нема разговор со оние што немаат став. Нека се изјасни Мицкоски и водството на ВМРО-ДПМНЕ дали се за бојкотирање или го повикуваат народот јасно и гласно да излезе и да го даде својот глас. Нека има јасен политички став и нека биде различен. Скриениот повик за бојкот, за иднината на Македонија не е достоен за дебата, рече Заев.

Тој ги повика и членовите на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат определбата за ЕУ и НАТО и да гласаат на референдумот затоа што, рече, тоа ќе значи перспективна Македонија. Тоа рече е наша заедничка должност оти заедничка ни е Македонија. 

Заев истакна дека државата тргна напред и веќе враќање назад нема. Референдумот е последниот чекор и на дофат ни се НАТО и ЕУ.  Одлуката на 30 септември, нагласи, ќе не обезбеди во најмоќната европска заедница, во најсилниот воен сојуз и посочи дека верува во народот на Македонија. 

Пред присутните на градскиот плоштад се обрати и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој ги повика граѓаните да дадат поддршка на 30 септември. Истакна дека во Куманово со средства на ЕУ во вредност од 4,5 милиони евра беше реконструирана канализациската мрежа во градот.