Македонија
20. September 2021 - 16:55

Заев: Моралната одговорност е поднесена, очекувам извештај од истрагата до крајот на неделата

Премиерот Заев очекува до крајот на неделава, истражните органи да ги објават причините за пожарот во тетовската модуларна болница. За десетина дена ќе пристигнел извештајот и на германските истражители. Вели, јавноста ги барала одговорите, но и самиот тој бидејќи требало да одлучи дали ќе ги прифати оставките на Филипче, неговиот заменик и директорите на болницата во Тетово. Појаснува дека ќе се анализира и успешноста на функционерите кои понудија оставки.

„Кога делувате и носите одлука на основа на акт, етички или морален, мора да му ја мислите што после тоа, колку е во суштина вината внатре иако е од етички аспект. Што тоа имало со тие луѓе во минатото, што работеле и колку успешно работеле и согласно тоа ќе го дадам мојот став. Зошто не сфатите, ако некој има свој став, дека некој друг може да има и друг став. Некој друг може да има и ист став, но сето тоа мора да биде аргументирано на основа на анализи. Затоа и така сум поставен и верувајте немаме никави предрасуди освен одговорност“, изјави, Зоран Заев, Премиер.

Според Заев, модуларните болници во земјава се граделе од ист материјал како и секаде во светот. За нив не се правел технички прием бидејќи биле времени објекти, исто како поставувањето летни тераси за угостителите.

Иако премиерот очекува, од Јавното обвинителство не откриваат кога ќе го објават извештајот со причините за пожарот. Истрага води и обвинителството за гонење криминал и корупција кое веќе ја добило тендерската документација за модуларните болници.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев и Филипче треба да заминат од функциите, бидејќи како што велат од партијата, давајцата се на позиции од кои може да влијаат врз истрагата.. Во ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека министерот за здравство знаел дека во модуларните болници се вградуваат лесно запалливи материјали.

Дали е точно дека на состанокот на кој се дискутирало за модуларните болници, сте биле предупредени од стручно лице, дека ПУР панелите не смеат да бидат вградени во модуларните болници и доколку е точно, што преземавте? Одговорете кратко и јасно со Да или Не, и второ, Дали министерот Венко Филипче или некој од неговиот тим има информација дали модуларната болница била приклучена на дистрибутивната мрежа во стандардна и нормална процедура или некој си дозволил приклучувањето да го направи од веќе постоечката болница надвор од процедура и без соодветен проект?, Драган Ковачки, ВМРО-ДПМНЕ.

Истрагата за пожарот се води 12 дена – вклучени се државното обвинителство и обвинителствата од Тетово и Велес, а во откривање на причините за пожарот се вклучија и германски форензичари.