Македонија
18. March 2019 - 15:07

Заев: Јас и Мицкоски не можеме да кажуваме кои обвинители да бидат избрани

Не се пазарења за криминал разговорите со опозицијата за Законот за јавното обвинителство со кој треба да се зајакне Специјалното јавно обвинителство и тоа да стане дел од редовното обвинителство со сите негови капацитети што ги има, смета премиерот Зоран Заев во врска со најавените усогласувања меѓу партиските работни групи за идниот статус на СЈО.

-Кој сум јас и кој е Христијан Мицкоски да кажуваме кои обвинители треба да бидат избрани, а кои не, кога во Македонија има Совет на јавни обвинители и таму е изборот на оваа обвинителска власт,  одговори Заев на прашање дали смее на политичка партија да ѝ се допаѓаат обвинители или не.

Тој рече дека единственото што го знае од ставовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е дека не му се допаѓа Катица Јанева и актуелниот тим на СЈО.

-А дали не му се допаѓаат истражителите, администрацијата и останатите од СЈО, навистина не знам. Како што и не знам дали не му се допаѓаат и други делови од предлог законот, а тој е прекрасен закон, оценет со највисоки оценки и одобрувања од Венециската комисија и од други меѓународни фактори, рече Заев пред Судот каде сведочеше на судско рочиште како оштетен поради закани упатени на „Фесјбук“ од 2016 година.

Тој смета дека доколку опозицијата реши да не гласа за овој системски закон, кој се носи со двотретинско мнозинство, треба да се продолжи по старо со постоечките закони, бидејќи, според него, државата мора да се постави на цврсти правни основи.

Според најавите, работните групи кои беа формирани според договорот од последната средба меѓу премиерот Заев и лидерот на  ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, треба да се состанат денеска во обид да се изнајде заедничко решение околу предлог законот за јавно обвинителство и идниот статус на СЈО.

Власта и опозицијата имаат спротиставените ставови особено во однос на иднината на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во СЈО.

Мицкоски во повеќе наврати кажа дека Јанева за нив е неприфатлива и не може да остане на функцијата, додека Заев изјави дека специјалната јавна обвинителка и нејзиниот тим ја имаат неговата целосна поддршка.

Владејачкото мнозинство очекува Законот за јавното обвинителство да биде донесен до крајот на март, односно пред почетокот на кампањата за претседателските избори. Според власта, тоа е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ на почетокот на јуни.