Македонија
28. јуни 2017 - 19:39

Заев - Јанакакис: Позитивна атмосфера за градење доверба и продлабочување на соработката

Премиерот Зоран Заев денбеска се сретна со грчкиот амбасадор Димитрис Јанакакис. На средбата било констатирано дека постои позитивна атмосфера за градење доверба и за продлабочување на соработката меѓу двете земји.

„Пративме позитивни сигнали за добрососедска соработка, затоа што новата Влада е определена кон примена на европските вредности и на политики на градење мостови.  Добиваме назад позитивни сигнали од нашите соседи, што го сметаме за голем исчекор во развојот на добрососедските односи и во отворањето перспективи за граѓаните и за Република Македонија“, рекол премиерот Заев, а соопшти неговиот кабинет.

Претседателот на Владата, повторил дека стратешки определби на нашата држава се членство на Македонија во Европската унија и во НАТО. Тој соопшти дека новата Влада е силно фокусирана кон потребниот реформски процес за евро-атлантските интеграции, преку усвојување конкретен Акциски план, што одразува колку сериозно е посветена Владата да го подигне квалитетот на живот на граѓаните и да обезбеди напредок на државава. Премиерот Заев и во оваа прилика изрази надеж дека по Црна Гора, Македонија ќе биде следната земја, членка на НАТО.

Грчкиот амбасадор Јанакакис изразил подготвеност за соработка меѓу двете земји на различни нивоа.