Македонија
22. October 2017 - 19:31

Заев: Изборите без фер и демократски, Груевски да покаже докази

Изборите беа кристално чисти, фер, слободни, со изолирани инциденти. Тоа го потврдија и меѓународните институции, изјави денеска во Кавадарци лидерот на СДСМ и коалицијата Зоран Заев на новинарско прашање за вчерашната изјава на Груевски дека изборите биле нелегитимни. 

- Изборите беа кристално чисти, слободни, граѓаните слободно ја изразија својата волја, немаше никакви инциденти, ниту во кампањата, ниту на денот на изборите. Инцидентите кои што беа изолирани беа лични инциденти. И меѓународните институции недвосмислено и јасно кажуваат слободно изразена волја, кредибилни избори, демократска, фер атмосфера насекаде. Дури и кампањата што ја водиме е максимално позитивна. Јас верувам дека граѓаните само тоа го заслужуваат, рече Заев нагласувајќи дека нема видено ниту докази за таквите обвиненија. 

Запрашан да ја коментира изјавата од БЕСА упатена до СДСМ да се држи понастрана од албанските гласови, тој рече дека имаат коалиција со ДУИ обелоденета уште пред самата кампања и оти постапуваат принципиелно.  

Заев на дебата со граѓани на Кавадарци во центарот на градот изрази уверување дека успешно ќе ја завршат работата и во Кавадарци затоа што народот, вели, го даде својот сигнал, бирајќи мнозинство во Советот на општината и испраќајки недвосмислена порака за тоа во кој правец сака да се движи Република Макединија. 

На форум во паркот во центарот на градот, Заев и кандидатот за градоначалник на Кавадарци од СДСМ и коалицијата Бетиане Китев разговараа за иднината на општината и најавија оти ваквите форуми ќе станат пракса во сите општини во иднина. 

- Овде сме со неколку коалициски партнери. Сакам да испратам порака до кавадарчани и вториот круг од изборите да помине во слободна, мирна и фер атмосфера затоа што само слободните избори не прават победници. Слободно да го дадат својот глас. Нашиот кандидат е фаворит во оваа трка. Убедени сме дека бројот 19 е опција на овие избори и за Кавадарци, нагласи Заев. 

Тој додаде дека Кавадарци има потенцијал и перспективи и најави нови работни места, подобар живот изразен преку правда, култура, спорт и многу други содржини поради кои, како што рече, младите нема да заминуваат во странство.

Китев, пак, вети транспарентна локална самоуправа која ќе биде во служба на народот. - Подавам рака на секој и мислам дека е многу важно на 29 октомври кавадарчани да бидат на вистинската страна. Јас сум убеден во победа, додаде Китев.