Македонија
12. April 2016 - 19:17

Заев: Иванов веднаш да поднесе оставка

Лидерот на СДСМ Зоран Заев попладнево изјави дека со одлуката на претседателот Ѓорге Иванов е извршен државен удар и се погазени Уставот, законите и Договорот од Пржино.

Тој побара Иванов да си поднесе оставка, а претседателот на Собранието да свика седница и да покрене постапка за негово отповикување.

Според него, Иванов денеска станал директен соучесник во злостроничкото здружување против Македонија.

- Во името на целата демократска и правдољубива јавност судските процеси мора да продолжат и да има правна разрешница. Криминалците да одговарат за криминалот, невините да имаат можност да ја докажат својата невиност. Јас, Зоран Заев на чело на демократска Македонија ќе ги предводам граѓаните во битката за враќање на уставниот поредок и државноста на улици на протести, во градови и села низ цела Македонија, рече Заев.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека не ја прифаќа одлуката на Иванов и оти не сака воопшто да биде аболициран, ниту помилуван.

- Ниту барав, ниту прифаќам амнестија. Не сме сите исти и не сме сите криминалци. Јас сум невин и својата невиност сакам да ја докажам на суд низ соодветна процедура. Не сакам воопшто да бидам аболициран ниту помилуван. Не ја прифаќам оваа одлука. Не дозволувам да бидам ставен во ист ќош со вистинските криминалци во власта, рече Заев, повикувајќи ги сите оние коишто се невини, а политички обвинети, да побараат повлекување на одлуката.