Македонија
21. October 2018 - 15:01

Заев и Николовски на „Валандовска ракијада“

 Премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска присуствуваа на манифестацијата „Валандовска ракијада“, која се одржува по 19-ти пат. За прв пат оваа година „Валандовската ракијада“, која го симболизира завршувањето на гроздоберот, е поддржана и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Оваа манифестација, како што нагласи премиерот Заев, претставува одлична можност да се негува оваа традиција за изработка на домашна ракија, но и можност да се презентираат многу домашни производи и пред се, дружба и градење пријателство.

 

– Верувам дека младите генерации ќе продолжат да ја негуваат оваа прекрасна традиција, рече Заев.

Николовски ги информирал присутните на „Валандовската ракијада“ за сумираните податоци за годинешното откупено грозје, како и за сегашните и идните мерки што се преземаат за развој на лозарството.

– Откупени се близу 100 милиони килограми грозје, а  се постигна и повисока откупна цена, од кои најголем дел од сортите смедеревка и вранец, но и други сорти. Оваа година се постигна и повисока откупна цена за грозјето. Конкретно просечната откупна цена на вранецот достигна 13,55 денари за килограм, а на смедеревката  12,28 денари за килограм. Ова е значајно да се потенцира ако ја имаме во предвид и дополнителната нова субвенција што ја донесе Владата за лозарите, како и континуираните мерки што ги преземаме, изјави Николовски.

 

Во соопштението се посочува дека МЗШВ континуирано креира мерки и поволни услови за развој на лозарството. Така, со цел зголемување на рентабилноста на производството на двете најзастапени сорти, воведена е нова дополнителна субвенција од еден денар за килограм предадено грозје за смедеревка и вранец. За оваа нова дополнителна субвенција лозарите ќе можат да конкурираат до 25 декември годинава.

Со годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите кои имаат од 1 до 10 хектари лозје, ќе добијат ќе добијат 20 отсто повисоки субвенции, односно наместо 40.000 денари 48.000 денари по хектар за одржување на насади. За зголемување на конкурентноста и следење на светските трендови, воведена е и нова дополнителна субвенција од 12.000 денари по хектар за реконструкција на лозови насади, за промена на сортиментот, се наведува во соопштението.

Во рамките на денешниот настан четериесет производители на ракија ги претставија своите начини и техники за производство на традиционалната македонска ракија. Комисија составена од технолози го избра производителот на најквалитетна ракија, на којшто му беше доделена награда.