Македонија
3. January 2018 - 8:12

Заев и Ципрас оптимисти дека е можно решение

Постои оптимизам и кај македонската и кај грчката страна во врска со решавањето на спорот со името.

Премиерот Зоран Заев е оптимист дека во првата половина од годинава може да се реши проблемот со името и дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите и покана за членство во НАТО што позитивно ќе влијае и на економијата. 

- Јас сум само обичен граѓанин кој има одредени резерви по сите прашања, а и по прашањето на името. Но, едно знам дека оптимизмот кој го има и пријателството кое го создаваме ќе ни биде само од полза односно ќе овозможи поволни околности конечно да се изнајде решение на овој проблем, што Грција го има со нашето уставно име, рече Заев.

Тој посочи дека пријателската атмосфера создава услови да се влезе во суштински разговори за проблемот.

- Македонија е решена во првото полугодие од годинава суштествено и вистински да навлезе во решавањето на проблемот со името. Убеден сум дека е можно да се најде решение, но за тоа секако е потребно подготвеност и од другата страна, рече Заев и нагласи дека и кај другата страна постои оптимизам. 

Посочи дека токму за тоа се одлучил за Нова година да биде во Солун и да испрати порака дека се политичари кои сакаат да ги отворат затворените порти на граѓаните за нивната соработка и дека се едноставни луѓе и оти немаат предрасуди. 

- Во тој дел верувам дека ја подобрувам севкупната клима за решавање на прашањето и драго ми е што на двапати додека бев во Солун ми се јави министерот за надворешни работи  Никос Коѕиас и премиерот Алексис Ципрас. Сето тоа е само дополнителна потврда дека постојат извесни шанси  да се изнајде решение и на овој суштествен проблем, истакна Заев. 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас е оптимист за прашањето за името, но очекува и конкретни чекори од македонска страна. Во кусото интервју за грчкото радио Real fm, јавува дописникот на МИА од Атина, Ципрас говореше за предизвиците и очекувањата во 2018-та. Меѓу главните теми поставени од новинарот кој го водеше интервјуто, освен економијата, сценаријата за предвремени избори и односите со Турција, се најде и прашањето за името.

- Оптимист сум дека можеме ефикасно и одговорно да управуваме со прашањето кое го наследивме од претходните влади. Сѐ додека од другата страна навистина постои желба да се направат чекори, останува да го видиме тоа, верувам дека може да се направат чекори кон излез од безизлезната ситуација, рече Ципрас.

И покрај тоа што го потенцираше неговиот оптимизам, сепак, додаде дека потребни се дела и опипливи резултати, а не зборови. - Во надворешната политиката секој треба да биде воздржан, да не зборува многу, повеќе ги преферирам делата, отколку зборовите, рече грчкиот премиер. 

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервјуто за грчкото радио Real fm, појасни дека сѐ уште не се почнати суштински преговори на претставниците на двете земји со медијаторот Нимиц, а избегна да ги открие грчките црвени линии, бидејќи смета дека тие не треба да се соопштуваат јавно, додека за евентуалното решение изразува убеденост дека во Парламентот ќе биде изгласано од мнозинство пратеници.

Грчката Влада е решена да придонесе кон решение на проблемот, вели Коѕијас и бара од македонска страна да ги намали или во најдобар начин, да ги елиминира тоновите поврзани со иредентизмот. Шефот на грчката дипломатија вели дека не постојат преговори без црвени линии, но не сакаше јавно да ги изнесе, со објаснување дека не е логично грчкиот преговарачки тим, уште пред да започнат преговорите да ја открие целата преговарачка тактика и стратегија.

Тој во интервјуто за грчкото радио, рече дека во текот на следните денови ќе се одржи состанок на сите министри во Владата, каде што ќе бидат презентирани детали од преговорите и изрази уверување дека евентуалното решение нема да создаде проблеми и ќе добие зелено светло од мнозинството пратеници во Парламентот.

Од опозициската Нова демократија, пак, преку портпаролката Мариа Спираки, уште еднаш побараа од Владата да преземе одговорност, а двајцата коалициски партнери да излезат со заедничка и единствена позиција за прашањето за името. 

Портпаролката на опозициската партија рече дека предуслов за да продолжи јавниот дијалог е Владата да го достави нејзиниот предлогот и потенцираше дека позицијата на Нова демократија е истата од НАТО Самитот во Букурешт во 2008 за сложено име со географска одредница за севкупна употреба. На истата линија со Нова демократија е и Демократската коалиција, партијата што ја сочинуваат ПАСОК и Демократска левица. И тие бараат да бидат информирани од Владата, а за името ја поддржуваат позицијата од 2008 година.

Надеж дека 2018 би можела да биде година кога би се затворило прашањето за името, изрази портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за државната телевизија ЕРТ, јави дописникот на МИА од Атина. Тој рече дека годинава постои прозорец за можност за решение и ја повика опозициската Нова демократија да се сети на внатрепартиските несогласувања во 1992, токму поради името и објасни дека Панос Каменос, нема да биде пречка за решение.

Во однос на позицијата на коалицискиот партнер во владата, Каменос и неговиот став дека нема да прифати име со терминот Македонија, Ѕанакопулос објасни дека во Владата соработуваат партии кои имаат различни политички ставови и различно политичко потекло, но оцени дека лидерот на Независни Грци, сепак нема да биде пречка за договор.

Димитрис Ѕанакопулос, во интервјуто, пренесува МИА, ја коментираше и позицијата на Нова демократија, која упорно бара од Владата да излезе со заеднички став за името. Рече дека опозициската партија ја заборава нејзината приказна, заборава дека одигра огромна улога во 1992 за прашањето да остане нерешено 25 години.

За проблемите во внатрешно-политичкиот живот на Грција, за очекувањата на Атина од Скопје, за можните решенија, за меѓународните притисоци, за ограничениот временски период за решение, но и за одличната комуникација меѓу Македонија и Грција во изминатите шест месеци, пишуваше вчера грчкиот весник „Катимерини“.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, во анализата под наслов „Тешките чекори кон решение на македонското прашање“, се вели дека последните несогласувања меѓу власта и опозицијата во Грција, по првпат на површина ги извадија тешкотиите што треба да се надминат во Грција во насока на постигнување компромис за името. 

И „Катимерини“, исто како и весникот „Еелефтерос типос“,  како што веќе објави МИА во неделата, предупредува за зголемување на меѓународните притисоци.

- Се очекува да се зголемат притисоците од меѓународните фактори, кои сакаат брзо решавање на разликите околу името, пред сѐ Американците, но и Европејците (особено Германците) за да се деблокира евро-атлантската перспектива на само на Скопје, туку и на останатите земји од Западен Балкан, кои се изложени на ризик од дестабилизација или од руско влијание, пишува „Катимерини“.

Во однос на билатералните односи меѓу Македонија и Грција, весникот коментира дека нивото на комуникација меѓу Атина и Скопје во последните шест месеци е особено високо, директно и на повеќе нивоа. „Катимерини“ го споменува она што веќе извесен период доста често е дел од анализите на грчките новинари дека Атина гледа добра волја во реториката на Заев, но, во исто време очекува и конкретни и практични постапки, како промена на името на скопскиот аеродром или на автопатот со што во пракса би се покажало отфрлањето на иредентизмот.  

- Реалноста е дека овие потези, политички, се релативно едноставни за Владата на Заев, коментира „Катимерини.

Во однос на можното решение, во анализата се наведува дека името ќе соддржи одредница заедно со терминот Македонија, а не е познато дали ќе биде „Нова Македонија“, „Северна Македонија“, „Горна Македонија“ или како што пишува „некое друго решение кое специјалниот претставник на ОН Нимиц, веројатно би го извлекол од неговата шапка“.

„Катимерини“ во анализата, потсетува дека кај нас за евентуалното решение ќе се оддржи референдум и коментира дека токму поради тоа, македонскиот премиер ќе треба, ако не да создаде нови, тогаш барем да ги задржи сојузништвата за да биде одобрен договорот во период кога, како што пишува весникот, „националистичкото ВМРО, се уште заздравува од падот. “

- Времето за решавање на спорот со името е ограничено од фактот што по летото практично и двете земји навлегуваат во изборни циклуси. Изборите, барем оние закажаните, и во Атина и во Скопје ќе се одржат во 2019, објави „Катимерини“.