Македонија
20. јуни 2017 - 15:06

Заев и Борисов очекуваат да го потпишат договорот за добрососедство на заедничката прослава на Илинден

Претседателите на македонската и на бугарската Влада, Зоран Заев и Бојко Борисов, на денешната средба во Софија разговарале и ги приближиле ставовите  во врска со договорот за добрососедство и очекуваат да го потпишат на 2 август во Македонија за време на заедничкото чествување на Илинден.  

- На заедничко чествување на Илинденското востание да го завршиме потпишувањето на договорот за добрососедство. Заедно по вторпат ќе се поклониме, откако денеска ќе се поклониме пред споменикот на Цар Самоил, изјави Заев на заедничката прес-конференција со Брисов. 

Двајцата премиери посочија дека треба да се допрецизират детали во договорот. На тоа ќе работат, како што беше истакнато, во министерствата за надворешни работи, а не работни групи како досега, јави известувачот на МИА од Софија. 

Договорот, потенцира Борисов, треба да биде потпишан на јазикот пропишан во македонскиот Устав, а она што треба да се прецизира, според него е важно за идните генерации. 

- Со договорот сме многу блиску. Станува збор за некои термини, за кои откако ќе биде потпишан да нема никакви дискусии и да нема никакви претензии. Тоа е поради идните генерации и до 2 август да се најде вистинско решение. Тоа е добро и за Брисел и за нашите граѓани, бидејќи немаме право граѓаните од Балканот да ги држиме надвор од Европа. Ние немаме поблизок народ и затоа кога историчарите ни предлагаат термини со кои ќе ја гаранбтираме иднината, ќе дадеме добар пример и на другите балкански земји и ќе го отвориме патот на Македонија кон Европа и НАТО, истакна Борисов.

Потврда за пријателството, како што додаде, е договорот по една улица во Скопје и во Софија да ги носат имињата на поранешните претседатели на Бугарија Жељу Желев и на Македонија Борис Трајковски. 

Заев, оценувајќи ја посетата на Софија како историски момент, истакна дека Македонија денеска затвора едно поглавје на национализам и отвора поглавје на заедничка европска индина. Историјата, посочи Заев, може само да не збижи, а не да не разделува.