Македонија
1. August 2017 - 14:38

Заев и Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство

Премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов денеска во Скопје го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Договорот, кој е потпишан на македонски јазик согласно Уставот на Македонија и на бугарски согласно Уставот на Бугарија, предвидува поддршка на Софија на евро-атлантските аспирации на Скопје, соработка на билатерален и мултилатерален план, унапредување на транспортните врски и комуникации, олеснување на царинските и граничните формалности, издвојување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, како и олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете држави. 

Македонскиот премир Заев по потпишувањето истакна дека Договорот е иксториски чекор напред за Македонија и Бугарија и покажува дека минатото може да биде темел на идната соработка. Договорот го отвора патот за соработка и развој на двете држави и е модел за соработка во регионот и пошироко, оцени Заев.

Посочи дека Владата на РМ се определила за политика на решавање, а не на создавање проблеми. Договорот, според Заев, е и порака до ЕУ и НАТО дека земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива. Бугарија со ова станува сојузник на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев.

Бугарскиот премир Борисов рече дека Договорот и покажува на ЕУ оти на немирниот Блакан кој помина низ многу тешкотии, проблемите можат да се решааваат со договор без посредници. Борисов очекува ЕУ да го поздрави и поддржи договорот.

Тој оцени дека се многу важни и меморандумите што денеска ги потпишаа ресорните министри за транспорт, односно енергетика и економија. Борисов е убеден дека за 10 години ќе бидат видливи резултатите од Договорот меѓу Македонија и Бугарија.

Бојко Борисов, кој ја предводи бугарската владина делегација, претходно беше пречекан пред Владата на Македонија со највисоки државни и воени почести.

Веднаш по пречекот, премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, заминаа на тет-а-тет состанок, по што се одржа и средба на делегациите на владите на двете земји.

Високата државна владина делегација на Република Бугарија ќе биде примена од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и од претседателот на Собранието Талат Џафери. 

Програмата на официјалната посета на претседателот на Владата на Република Бугарија на Република Македонија ќе финишира утре со заедничко чествување по повод националниот празник Илинден во црквата Свети Спас во Скопје.  Премиерите Заев и Борисов заедно ќе положат венци цвеќе на гробот на Гоце Делчев.