Бизнис
19. November 2019 - 22:31

Заев и Ангеловска: Буџетот е реален и израз на крупните политики и храбри одлуки

Премиерот Зоран Заев кој вечерва заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска гостуваше во емисија на Македонската телевизија рече дека буџетот за 2020 година е скроен на едно оптимално ниво и оти проекциите се резултат на добрите економски политики.

– Растот на економијата е основ за проектирањето на буџетот. Како расне БДП и сите економски перформанси, така се димензионира буџетот. Растот се движи многу реално, многу логично без разлика дали има изборна година или не, рече Заев, додавајќи дека во првото полугодие од годината растот бил 3,6 проценти, а очекувањата се дека третиот квартал ќе има подинамично темпо на економски раст и развој.

Министерката Ангеловска очекува да се остварат проекциите на приходната страна која, како што рече, е проектирана на 5,6 проценти и е помала во однос на претходните години.

– Кога зборуваме за тоа дали ќе се наполни буџетот, мора да споменеме дека намалените даночни ослободувања кои беа воведени во 2019 година, остануваат и тие ќе дадат позитивен придонес. Позитивен придонес ќе даде и зголемувањето на минималната плата. Од друга страна, растот на платите во економијата ќе даде позитивен придонес, рече Ангеловска.

Говорејќи за економските политики, Заев напомена дека е стабилизиран Фондот за ПИОМ, зголемени се платите во делот на образованието и здравството, а очекувањата се дека ќе има и над 80 проценти реализација на капиталните инвестиции.

– Сето тоа не е направено со заеми, туку со сопствени пари, подвлече Заев.

Во однос на тоа дали случаите со непотизам нанеле штета, Заев рече дека ваквите случаи нанеле штета и на поединци и на политиката, но оти разликата е во тоа што сега власта знае да се корегира и транспаретно да дискутира.

– Порано зарем немаше непотизам? Никој од никаде не се повлече. Порано луѓето шепотеа. Страв им беше да кажат. Денеска има слобода и демократија. Има големи разлики. Не велам дека сме сјајна власт, имаме свои предности и свои слабости, рече Заев, одговарајќи на прашањата од новинари кои учествуваа во емисијата на Македонската телевизија.