Македонија
8. February 2020 - 16:43

Заев е оптимист за Законот за јавно обвинителство

Власта очекува до понеделник да обезбеди 80 пратеници за поддршка на Законот за јавно обвинителство, но без ВМРО-ДПМНЕ. Заев вели дека во тек се преговори со сите пратенички групи за поддршка на ова законско решение, бидејќи измени на последниот предлог текст нема да се прават.

Има време да се донесе Законот за јавно обвинителство, верувам дека до крајот на викендот Владата може да го пушти законот со прифатените забелешки и сугестии на сите пратенички групи. Парламентот да ги искористи трите дена, понеделник, вторник и среда да го гласаме. Тоа не го нарушува воопшто датумот за одржувањето на изборите. Јас разговарам со сите пратенички групи и тие поприлично блиску, останува само да го видат конечното целосно решение за да се согласат. Апелирам до сите. Од ВМРО-ДПМНЕ дигнав раце, ама апелирам и до нив. Имаме квалитетно законско решение. Внатре имаме фер и еднаков третман за сите, изјави Заев.

Според Мицкоски со пазарење за пратенички глсови и со прескокнување на опозиција, СДСМ воспоставува лоша пракса за во иднина. Опозицискиот лидер потврди дека 5 дена пред најавеното распушатење на овој собраниски состав, тие не водат никакви преговори со владејачката партија за доближување на ставовите. ВМРО-ДПМНЕ и натаму останува на ставот дека законското решение треба да го кројат експерти, а не политичари.

Не знам што е чудно експертите да седнат, кои беа дел од собраниската расправа, без разлика дали овој или следниот парламентарен состав. Безусловно ви велам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ тој закон ќе го поддржи. Колку повеќе губиме време во создавање на артефицијални мнозинства, толку повеќе ги разочаруваме граѓаните затоа што граѓанинот чуствува дека не е суверен на својот глас затоа што бадијала граѓанинот излегува да гласа кога некој како Заев ќе може да формира на сила парламентарно мнозинство од 80 пратеника или 50 или 61, и ќе поддржи определено законско решение. Да не ве чуди ова што денеска ни се случува во насока на празнење на државата, изјави Мицкоски на прес-конференција.

Додека Мицкоски очекува да се испочитува датумот за распуштање на Собранието и одржување на изборите на 12 април, власта и натаму остава простор за пролонгирање на најавеното распушање на овој собраниски состав, се додека не се донесат Законот за јавно обвинителсто, за одбрана и протоколот за членоство во НАТО. Заев потенцира дека ова не значи дека изборите нема да се одржат на договорениот датум, бидејќи ДИК ќе има доволно време за подготовка.