Македонија
7. November 2017 - 15:15

Заев - Безак: Отворени се перспективи за Македонија, ќе се интензивира соработката со Словачка

Претседателот на македонската Влада Зоран Заев денеска оствари средба со словачкиот амбасадор во заминување Мартин Безак.

Од страна на премиерот Заев е изразена голема благодарност до словачкиот амбасадор за заложбите и придонесот на Република Словачка, но и за неговите лични заложби за демократските процеси во Македонија, за пријателството кон македонските граѓани и за остварувањето на евро-интеграциските цели на државата.

Амбасадорот Безак, како што соопшти владината прес-служба, изразил задоволство што ја напушта Македонија во подобри услови од оние кои ги затекнал пред четири години кога стапил на должноста амбасадор во Македонија и посочил дека гледа отворени перспективи за граѓаните и за Република Македонија.

- Огромната поддршка од граѓаните е голема чест и обврска за новата Влада на Република Македонија да обезбеди квалитетен живот за сите, да ја развива Македонија во современа и модерна држава, дел од Европската унија и од НАТО. Посветени сме на потребните реформски процеси, градиме пријателства во регионот и со светот, и ценам дека се реални нашите очекувања за придвижувања и на патот кон ЕУ и на патот кон НАТО, нагласил премиерот Заев.

заев - безак

На средбата е констатирано дека Македонија и Словачка се пријателски држави и оти постои соработка во областа на економијата, културата и безбедноста што е добра основа за интензивирање на соработката во овие, но и во други области од интерес за граѓаните на двете земји.

Амбасадорот Безак соопштил дека Словачка останува поддржувач на Македонија во остварувањето на стратешките цели, а премиерот Заев, во име на Владата и на македонските граѓани, се заблагодарил на словачкиот амбасадор Мартин Безак и на Република Словачка за искреното и конструктивно пријателство.