Македонија
8. July 2017 - 14:47

Заев: Ангажманот на младите е дополнителна движечка сила на нашето општество

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев синоќа го посети летниот камп на Социјалдемократската младина (СДММ) кој секоја година традиционално се одржува во Охрид.

- Со нашата креативност, мудрост и знаење заедно ќе одржиме лекција дека Македонија може да биде едно среќно и поперспективно место за живот за сите граѓани, а посебно за младите. Животот е нашето мото, им го ветивме на граѓаните и сега наша должност е тие да го почувствуваат и да го консумираат од позитивен аспект секојдневно, порачал Заев.

Како што информира СДСМ, една од повеќето пораки што  Заев ги упатил кон младите луѓе од СДММ е дека преку градење сојузи и пријателства, со подадена рака секому, преку инклузивен процес на вклученост на сите, може да се понесе големата одговорност исправена пред СДСМ и младите социјалдемократи од СДММ во насока на градење на иднина која ќе значи економско подобрување на животот на граѓаните.

Ги информирал дека од 1 септември ќе почне „Младинската гаранција“ и за таа цел ќе бидат наменети безмалку 9 милиони евра собрани од даноците на граѓаните односно буџетски пари.

- Тоа во најголем дел се работни места за младите, финансирани од државата, а отворени од приватниот сектор. Тоа исто значи доедукација, да го продолжат своето образование во делот на магистратурите или докторатите, или да одберат тренинг и пракса за да можат да најдат постабилна, потрајна и подобро платена работа после завршувањето на високото образование, истакнал Заев.

Лидерот на СДСМ очекува големи резултати од „Младинската гаранција“ бидејќи мерката  е проверена европска пракса. Најавил и дека Владата ќе биде во насока на изнаоѓање дополнителни средства од европски грантови и европски кредити со цел да се спречи миграцијата и да се создаде среќен амбиент помеѓу младите луѓе во Македонија, да бидат директно вградени во општеството преку квалитетна и добро платена работа.

- Силно сме убедени дека секој ангажман на младиот човек е дополнителна моторна и двигателна сила на нашето општество. На ваша страна сум, да ве подржам во секој момент, во вашите идни перспективи заради тоа што вашите идни перспективи се и перспективи за нашата заедничка земја, Македонија, порачал Заев пред младите социјалдеморкати учесници во летниот камп.